Обвинителството презеде дејства за нападот врз новинарот Фуркан Салиу

Салиу бил физички нападнат од извршителката Весна Јакимовска додека со екипа снимале продолжение на серијалот истражувачки стории во врска со нејзината работа.

од Бети Божиноска

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево е известен за нападот врз новинарот на „ПорталИкс“, Фуркан Салиу, и ги дава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на случајот.

„Предметот е евидентиран во статистиката на пријавени напади врз новинари што ја води Јавното обвинителство и по преземање на сите дејствија ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката,“ соопшти попладнево Јавното обвинителство.

Новинарот Фуркан Салиу денеска во видео на „Фејсбук“ информираше дека бил физички нападнат од извршителката Весна Јакимовска додека снимал продолжение на серијалот истражувачки стории во врска со нејзината работа.

Салиу вели дека додека ја извршувале службената задача, извршителката им го искршила микрофонот, а тој бил физички нападнат, додавајќи дека целиот инцидент е снимен и дека вечерва ќе биде објавен на „ПорталИкс“.

„Чекаме да дадеме изјава и веруваме дека Обвинителството и полицијата ќе бидат праведни и вистината ќе излезе на виделина. Микорофонот е скинат, извршен е физички напад врз мене. Чекам тоа да го потврди и лекар откако ќе завршам во полициската станица. Мора да ги пофалам полицајците за коректниот однос, но ќе видите во видеото вечерва како реагира еден извршител, којшто извршува една многу битна функција“, вели Салиу.

Слични содржини