Одложена одлуката за предлог ковид-мерките за невакцинираните

од Берта Китинска

На наредната владина седница ќе се донесе одлуката за предлог мерките за невакцинираните.

Одлуката за мерките за кои требаше да се расправа вчера беше одложена по автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 наши државјани.

Комисијата за заразни болести со новите одлуки предвивдуа сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите институции, за одење на работно место да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок.

Оние кои го прележале вирусот ќе треба да приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист.

Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат во сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои се уште не се вакцинирале.

Воедно синдикатите на средба со министер Венко Филипче побараа два платени слободни дена по вакцинацијата и ПЦР тестирањето за оние кои не сакаат да се вакцинираат да биде на трошок на работодавачот, како и да биде продолжен на 15 дена рокот кога ќе почнат да важат мерките, наместо 10 дена како што предлага Комисијата за заразни болести.

Нивните барања според најавите треба да бидат разгледани на седница на Владата.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 212.865, бројот на оздравени пациенти е 197.120, на починати е 7.464, а бројот на активни случаи изнесува 8.281.

Слични содржини