ОЈО: Починатиот мигрант во Гевгелија според сознанијата бил организатор на нелегален транзит

од Берта Китинска

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија изврши увид на местото во близина на македонско-грчката граница, каде што беше пронајдено безживотно тело на мигрант.

Според информациите на Обвинителството, смртта на мигрантот ја пријавиле група други мигранти, според чии тврдења сега покојниот заедно со уште две лица им наплаќале по 800 евра за да ги пренесат од Грција во земјава, а потоа со товарен воз кон границата со Србија.

„Кога ја поминале македонско-грчката граница, кај граничниот камен 53, тројцата организатори се скарале меѓу себе при што едниот извадил остар предмет и му задал убод на оштетениот. По ова, дел од мигрантите и напаѓачот избегале од местото, додека неколкумина останале и се обиделе да му помогнат на оштетениот кој набрзо починал“, се наведува во соопштението.

Со цел да се утврди фактичката состојба и идентитетот на починатото лице, јавниот обвинител издал наредба за обдукција, ДНК анализа и споредба на папиларни линии.

Кај починатиот бил пронајден и документ за престој во Грција чија веродостојност се утврдува, како и мобилен телефон кој е даден на вештачење.​

Слични содржини