ОН: 88 членови од нашиот персонал се убиени во Газа

од Stefanija Kuzmanovska

Обединетите нации истакнаа дека 88 членови од нивниот персонал биле убиени во Газа, што е најголем број на смртни случаи што некогаш го забележале во еден конфликт.

Сите биле од палестинската агенција за бегалци УНРВА. Според извештајот на „Тајмс оф Израел“, беше објавено заедничко соопштение во кое шефовите на главните агенции на ОН изразија огорченост од бројот на цивилни жртви во Газа и повикаа на итен хуманитарен прекин на огнот. Тие, исто така, побараа Хамас да ги ослободи заложниците кои ги киднапираше од Израел.

„Поминаа 30 дена. Што е премногу, премногу е. Ова мора веднаш да престане“, се вели во соопштението.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел нема да се согласи на прекин на огнот додека Хамас не ги ослободи заложниците. Според израелската војска, Хамас моментално држи 242 заложници во Газа.

Во меѓувреме, Советот за безбедност на ОН најави дека денеска ќе одржи уште една итна средба на која ќе се разговара за последните случувања во војната меѓу Израел и Хамас.

„Во светло на влошената ситуација во Газа и нападот врз болницата Ал-Шифа и повторените напади на бегалскиот камп Џабалија, Обединетите Арапски Емирати и Кина повикаа на затворени консултации“, наведуваат од ОН.

Слични содржини