Опкружете се со луѓе што имаат особини што ги сакате и намалете го стресот при донесување одлуки

од desk2

Невронаучникот од универзитетот Нортвестерн Моран Керф, кој веќе десет години го проучува процесот на донесување одлуки, тврди дека најсигурен начин за зголемување на среќата нема никаква врска со искуството, материјалните добра или личната филозофија. Тој смета дека за среќа клучна е одлуката со кого го поминувате времето.

Донесувањето одлуки е многу заморно и некои истражувања дури тврдат дека луѓето имаат ограничена ментална енергија која може да ја посветат на оваа битна активност. Бирање облека, храна, музика, што да се прави во слободното време се одлуки кои секојдневно ја исцрпуваат енергијата. Постои претпоставка дека повеќето луѓе имаат контрола над својата среќа ако го одберат вистинскиот пат од мноштво други можности.

Керф смета дека донесувањето одлуки секогаш е под влијание на одредени асоцијации кои влијаат на просудувањето, затоа што луѓето погрешно ги паметат лошите сеќавања и обратно и допуштаат на емоцијата рационалните избори да ги претвори во ирационални.

Меѓутоа, истражувањата кои ги спроведе професорот Керф покажаа дека мозочните бранови кај луѓето кои се заедно почнуваат да си наликуваат, па така процесот на одлучување кога сте со тие личности е многу олеснет.

„Лицата со кои се дружите имаат влијание на вашиот однос со стварноста, а еден од ефектите е дека станувате слични“, појасни Керф.

Тоа е видливо и во човековото однесување – депресивните луѓе предизвикуваат намалување на доброто расположение, луѓето кои се „живи“ и брзо зборуваат ја подигаат атмосферата и темпото на разговор, комичарите влијаат на тоа луѓето да се чувствуваат среќно.

Заклучокот на Керф е дека ако сакате да ја максимизирате среќата и да го минимизирате стресот, треба да носите што помалку одлуки и да се опкружите со луѓе кои имаат особини што ги сакате.

Слични содржини