Орбан се закани: Фидес ќе ја напушти ЕПП

од Vladimir Zorba

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, рече дека партијата Фидес, која тој ја предводи, попрво ќе го напушти конзервативниот блок на Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент, отколку да прифати санкции во согласност со новите правила, кои треба да бидат усвоени во среда. Членовите на Европската народна партија минатата недела се согласија да воведат правило што ќе им овозможи на партиите да бидат казнети во иднина, а не само пратениците кои ги кршат правилата.

Орбан ја испратил таа порака во писмо што му го испратил на Мафред Вебер, германскиот амбасадор и претседател на ЕПП, најголемата парламентарна група во Европскиот парламент, објави Политико.

Орбан му напишал на Вебер дека Фидес ќе си замине доколку конзервативниот блок донесе одлука за промена на регулативата како што е предложена во петокот.

Предложените измени ќе овозможат одредена група да биде суспендирана или исклучена од блокот на ЕПП со само 50 проценти од гласовите во некои случаи.

Членството на Фидес во ЕПП беше суспендирано во март 2019 година, но 11 членови на партијата на Орбан сè уште се во таа парламентарна група на Европскиот парламент, и покрај барањата на некои членови да бидат исклучени.

„Сакам да ве известам дека Фидес ќе ја напушти ЕПП, доколку бидат усвоени одредбите договорени на состанокот одржан на 26 февруари“, напиша Орбан во писмото до Вебер.

Министерот за семејство во Владата на Унгарија и потпретседателката на Фидес, Катлин Новак, обвини некои членови на ЕПП за водење на неприфатлива борба во рамките на таа група во време кога цела Европа се бори во пандемија за да се спасат што е можно повеќе животи.

Австрискиот европратеник и член на парламентарната група на ЕПП, Отмар Карас изјави дека групата нема да попушти поради притисокот што го изврши Орбан.

„Нема да дозволиме Орбан да не уценува. Пратеничката група на ЕПП ќе продолжи со планираната промена на внатрешните правила“, рече Карас.

Во случај 11 пратеници на Фидес да ја напуштат ЕПП, таа пратеничка група повторно ќе биде најголема во Европскиот парламент, бидејќи сега има 187 члена, 42 повеќе од социјалдемократите.

Слични содржини