Османи: 20 години поминаа од Самитот во Солун, тоа ни покажува колку е разочарувачки и бавен процесот на пристапување кон ЕУ

од Vladimir Zorba

Не сакаме да видиме алтернативни пристапи во членството во ЕУ, туку како да го забрзаме овој процес, порача денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи на панелот „Дали француско-германската иницијатива за реформа на ЕУ го враќа моторот на придвижувањето“, во рамки на Преспа форумот за дијалог што се одржува во Струга.

-Дваесет години поминаа од Самитот во Солун и тоа само ни покажува колку е разочарувачки и бавен овој процес на пристапување кон ЕУ. И од 2003 откако беше направена заложбата дека овој регион ќе влезе во ЕУ, само Хрватска влезе во Унијата од земјите од Западен Балкан, така што имаме проблем, оцени Османи.

Тој истакна дека руската агресија против Украина послужи како значаен потсетник дека проширувањето на ЕУ не е само внатрешно интегратвен процес туку и прашање за надворешната политика и има безбедносни последици.

-И време е да се каже доста е, не можеме да продолжиме како вообичаено. Има размислување дека ЕУ не е подготвена да апсорбира нови земји членки главно, поради комплексноста на процесот на носење одлуки во една Унија на 27, каде што земајќи предвид со понатамошно проширување ЕУ ќе стане целосно нефункционална и мислам дека ова е главната причина зошто немаме јасна одлучност на некои земји членки на ЕУ за завршување на овој процес, подвлече Османи.

Според него, ова колебање носи голема непредвидливост кај земјите од Западен Балкан и за жал ова се одразува и во перцепцијата на луѓето за самиот процес.

-И гледаме дека се влошува популарноста на идејата за ЕУ во регионот. Ако го земете предвид примерот за Северна Македонија каде гледаме историски ниски нивоа на одобрување на процесот од над 90 на 50 проценти. Ова е поради тоа што мораа да се направат одредени нешта во регионот, без да се дадат резултати од другата страна, рече тој.

Министерот истакна дека Северна Македонија претставува парадигма на овој процес на бескрајни прифаќања – на промената на името, а сега се уставните измени.

-Не сакаме да видиме алтернативни пристапи во членството во ЕУ, како на пример Европска Унија со повеќе нивоа, туку само да се види како да го забрзаме овој процес и како можеме да го направиме веродостоен, нагласи Османи на панелот „Дали француско-германската иницијатива за реформа на ЕУ го враќа моторот на придвижувањето“.

Слични содржини