Панчев за Вардар: Ќе беше друга песна ако тука имавме некој како Вучиќ

од Vladimir Zorba

Редакцијата на „Моцарт Спорт“ за време на престојот во Скопје зборуваше за можеби најголемиот ас во историјата на Вардар, Дарко Панчев.

Повод секако е испаѓањетона великанот во втората фудбалска лига, а Панчев даде поинаква перспектива на работите кои се случувале внатре.

Панчев, како спортски директор, имаше поддршка, но онаа од најлош вид – само и исклучиво вербално. Нешто сосема друго се случувало во канцелариите. Името на Дарко Панчев (како и Илија Најдоски) е искористено како совршена мамка што навивачите ќе ја проголтаат додека одблизу го гледаа почетокот на крајот на една убава приказна, пишува „Моцарт Спорт“.

„Кога се пласиравме во Лигата на Европа, им реков на луѓето во клубот, дури и на шефот, дека немаме тим што може да биде конкурентен. Едноставно го немаме, ние сме премногу слаби. Од УЕФА добивме пет милиони евра, со тие пари можевме да проектираме буџет за следните три сезони. Тоа е голема сума кога станува збор за македонскиот фудбал. Сепак, не ја препознав желбата навистина да работам на засилување на тимот. И јас бев во право. Реал Сосиедад ни даде шест гола, Зенит пет. Успеавме да одиграме нерешено само со Розенборг на домашен терен“, се сеќава Дарко Панчев.

А тоа лето, Вардар стана најубавата приказна за европските квалификации. Прво, во квалификациите за Лигата на шампионите, беше елиминиран шведски Малме, тим што денес би претставувал сериозна коска за Динамо и Црвена Звезда. Подоцна се направи сензација од прва класа на дуелот против Фенербахче. Но, задоволството од сработеното ги „изеде“ челниците на Вардар. Или едноставно тоа беше планот, констатраат од „Моцарт“.

„Навистина сакав да направам сериозен тим за Балканот. Сега кога сè е готово, можам да ви откријам дека веќе договорив доаѓање на напаѓач, кој во тоа време беше најдобар стрелец во втората турска лига. Јас барем знам да препознаам напаѓач. И овој беше вистински. Тој сакаше да дојде и да игра за нешто повеќе од 200.000 евра. Близу беше и еден Израелец. Сепак, тие одбија се“, додава Панчев.

И тоа не беше крај на амбициите на некогаш најдобриот европски стрелец, кои брзо беа скршени.

„Го повикав и Звездан Терзиќ да ми го позајми Павков. Тоа не вроди со плод, бидејќи тој веќе го заврши стажирањето во Раднички од Ниш и се докажа. Знам колку енергија вложував. Но, тие само го користеа моето име. Моето и на Ики (Илија Најдоски). Тие немаа желба да направат добар тим. После тоа, на навивачите им рекоа дека е моја вина, дека треба да си одам. Кога го видов тоа, се повлеков. Голема штета е“, додава Панчев.

И тоа е суштината на проблемот. Монологот на Дарко Панчев е скоро рамнодушен, со мало присуство на емоции, велат колегите од Моцарт. И првиот клуб треба да се памети и секогаш да биде прв. Како прва љубов, прво пијанство или екскурзија. Панчев, сепак, забележува дека клубот со таква традиција и значење за државата мора да има поддршка од истата

„Видете, ќе беше друга песна ако тука имавме некој како Александар Вучиќ. Претседателот на Србија многу го сака спортот, но многу поважно е што тој призна дека спортските успеси се најевтина и најдобра форма за промоција за секоја земја. Ја следам ситуацијата во Србија, гледам колку Вучиќ и државата им помагаат на најголемите српски спортски брендови Звезда и Партизан во фудбалот и кошарката и нема сомнеж дека тоа е вистинско резонирање. Направени се добри играчи, кои потоа заработуваат многу пари во странство, ја презентираат Србија на најдобар можен начин, а потоа тие пари ги трошат претежно во нивната земја. Едноставна математика“, објаснува Панчев за „Моцарт Спорт“.

Слични содржини