Пендаровски: Без ставањето на образованието и науката на приоритетна позиција не можеме да очекуваме побрз економски развиток (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на одбележувањето на Светскиот ден на детето, во организација на УНИЦЕФ. На настанот насловен „Младински повик за акција да преосмислиме подобра иднина”, носителите на одлуки и креаторите на политики имаа можност да ги слушнат младите и нивните повици за акција за прашањата што се важни за нивната генерација – од клима до ментално здравје, образование, еднаквите можности и подобриот квалитет на живот.

„Квалитетното образование е невозможно без инвестирање во него, без современи наставни програми и стекнување на практични вештини. Нужно е образованието да продуцира кадри согласно потребите на пазарот на трудот. Како човек кој дел од својата професионална кариера ја поминал во образованието, апсолутно сум согласен дека без ставањето на образованието и науката на приоритетна позиција не можеме да очекуваме побрз економски развиток и севкупен општествен напредок. Образованието, здравството, функционирањето на правната држава, заштитата на животната средина се клучот за квалитетен живот“, истакна тој.

Денешниот настан, се надоврзува на иницијативата „Преосмисли ја иднината” што ја спроведуваат УНИЦЕФ и претседателот Пендаровски, во која младите од целата земја ги споделија своите гледишта и идеи за решенија на најголемите предизвици што ги засегаат нивните животи и нивната иднина.

Слични содржини