Пендаровски на средба со Пахор: Посветено ќе работиме на изнаоѓање достоинствено решение со Бугарија

од Vladimir Zorba

Во рамки на учеството на 58. Минхенска безбедносна конференција, претседателот Стево Пендаровски оствари средба со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, на која беа реафирмирани одличните билатерални односи, без отворени прашања, базирани на традиционално пријателство, силно стратешко партнерство и долгогодишна конструктивна соработка и поддршка.

Претседателите се осврнаа на можностите за надминување на предизвиците за почеток на пристапните преговори со ЕУ, истакнувајќи го фактот дека успешноста на политиката на проширување ќе зависи од македонскиот случај. Претседателот Пендаровски се заблагодари на принципиелната и континуирана поддршка за европската иднина на Северна Македонија, особено гласна за време на неодамнешното словенечко претседавање со Советот на Унијата.

Пендаровски информирал за последните случувања во тој контекст и динамиката што е предвидена меѓу двете нови влади, потенцирајќи дека Северна Македонија посветено ќе работи на изнаоѓање европско, достоинствено решение во билатералните предизвици со Бугарија. Според претседателот, отворањето на пристапните преговори за членство на Република Северна Македонија со Европската Унија позитивно ќе придонесе за просперитетот и стабилноста на целиот регион, а ќе даде дополнителен импулс на севкупниот реформски процес во државата.

На средбата се разговараше и за безбедносните состојби во регионот и во евро-атлантскиот простор.

Слични содржини