Пендаровски: Унапредувањето на добрососедските односи меѓу С. Македонија и Косово ќе придонесе за стабилноста и безбедноста на целиот регион

од Vladimir Zorba

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Доника Грвала-Шварц, заменик-премиер и министерка за надворешни работи и дијаспора на Република Косово.

На средбата беше изразено задоволство од нивото на билатералните односи меѓу двете држави кои се пријателски, динамични, засновани на меѓусебно почитување. Притоа, соговорниците го реафирмираа интересот за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, особено во економската, давајќи поддршка за агендата на активности меѓу владите на двете држави во наредниот период.

Покрај ова, двајцата соговорници разговараа за актуелностите во регионот, соработката и евроинтеграциите, при што беше констатирано дека унапредувањето на добрососедските односи меѓу Северна Македонија и Косово ќе придонесе за напредокот, стабилноста и безбедноста на целиот регион.

Во овој контекст, претседателот Пендаровски ја реафирмираше поддршката во однос на дијалогот помеѓу Косово и Србија, подвлекувајќи дека секој постигнат резултат треба да биде насочен кон јакнење на регионалната стабилност и безбедност.

На средбата беа разменети информации и мислења за ширењето на Делта сојот на Ковид -19 вирусот, темпото на вакцинација на граѓаните, како и справувањето со последиците од пандемијата во двете земји.

Слични содржини