Пепел и отровни гасови протекуваат од вулкан на Филипините: Евакуирани илјадници луѓе

од Stefanija Kuzmanovska

Илјадници луѓе кои живеат во близина на вулканот Мајон во централниот дел на Филипините се евакуирани за да се избегне денешната закана од пепел, запалени карпи и отровни гасови кои протекуваат од кратерот, соопштија локалните власти.

Сеизмолозите известија дека во последните 24 часа се случил вулкански земјотрес и дека запалени камења паѓаат во радиус од два километри околу вулканот.

Околу 13.000 луѓе, главно од селата во подножјето на вулканот или во негова близина, се евакуирани, соопшти националната канцеларија за цивилна заштита.

„Ризик за здравјето е да се биде блиску до ерупцијата поради сулфур диоксид или поради пепел“, изјави министерот за здравство Теодоро Ербоса.

Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос вчера ги повика жителите на провинцијата Албај, каде што се наоѓа вулканот, да ги следат инструкциите за евакуација од локалните власти.

Вулканот Мајон, кој се наоѓа на 330 километри југоисточно од главниот град Манила, се смета за еден од најнестабилните од 24-те активни вулкани во земјата, која се наоѓа на пацифичкиот „огнен појас“.

Пред пет години тој вулкан еруптираше и исфрли милиони тони пепел, камења и лава и принуди на евакуација десетици илјади луѓе.

Слични содржини