Почина Жак Делор, човекот кој ги постави темелите на денешната Европска Унија

од Stefanija Kuzmanovska

Поранешниот претседател на Европската комисија, Жак Делор, почина на деведесет и осумгодишна возраст. Тој беше татко на заедничкиот европски пазар и на заедничката валута – еврото. Придонесе за европското обединување како малкумина пред него.

Французинот Жак Делор, кој беше на чело на Европската комисија од 1985 до 1995 година, почина во Париз на 27 декември 2023 година на деведесет и осумгодишна возраст. Неговата ќерка, градоначалничката на Лил, Мартин Обри, објави дека Делор починал во сон, пренесува Дојче веле (DW).

Шефовите на држави и влади знаеја уште во 1994 година, кога Делор ја напушташе функцијата, дека „неговите заслуги за Европа нема да бидат заборавени“.

Делор беше еден од последните големи Европејци од неговата генерација, која беше проткаена со ужасите на Втората светска војна од кои црпеше сила да ја обликува заедничката иднина. Од тоа искуство Делор најде и волја да ги постави темелите на денешната Европска Унија.

Таткото на заедничкиот пазар
Половина година по преземањето на функцијата, во јануари 1985 година, Жак Делор ја објави „Белата книга за завршување на заедничкиот пазар“. Тоа беше ремек дело. На остварување на целите на тој документ работел до 1992 година.

Во таа книга се работи за правото на граѓаните на Европската унија слободно да го изберат своето живеалиште за да бараат работа, како и правото да ангажираат мајстор или занаетчија од соседна земја или, на пример, за фактот дека миланската салама може да се продава во далечната Финска.

Неговите заслуги не се само во комплетирањето на заедничкиот европски пазар, туку и во потпишувањето на Шенгенскиот договор како и почетокот на реализацијата на економската и монетарната унија што доведе до воведување на еврото. Во моментов 343 милиони граѓани на Европската унија ја користат заедничката валута.

Слични содржини