Портпаролка на ЕУ: Брзата пруга Белград-Северна Македонија е суштински дел од Трансевропската транспортна мрежа на ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska

Инфраструктурниот проект – брзата пруга Белград – Северна Македонија што беше најавена за време на посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел е дел од железничкиот коридор 10 за кој ЕУ веќе има определено средства од 135 милиони евра, изјави за белградскиот весник Данас, Ана Писонеро Хернандес, портпаролка на Европската комисија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Што се однесува до железничкиот Коридор 10, тој е суштински дел од проширената Трансевропската транспортна мрежа на ЕУ, што го поврзува Салцбург во Австрија со Солун во Грција. Оваа трансевропска транспортна мрежа ја поврзува Европа преку патишта, железница, водениот сообраќај, аеродромите, морските и речни пристаништа и сообраќајните оперативни системи. Модернизацијата на Коридорот 10 во Србија е дел од Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, објавен во октомври 2020 година, голема програма на поддршка за поврзување во инфраструктурата на ЕУ и Западен Балкан, како и во рамките на Западен Балкан. Во моментов, Европската комисија работи со Србија на техничко и финансиското структурирање на модернизацијата на железничката линија Белград-Ниш, што е важен дел од Коридорот 10 во Србија. Колку финансиски средства ЕУ ќе одвои за подобрување на оваа железничка рута зависи од можните опции за брзина, во согласност со теренските услови, што бара анализа. ЕУ нуди поволни заеми од европски финансиски институции и значителни грантови, чиј износ ќе биде дефиниран во консултација со Србија, во согласност со инфраструктурните приоритети утврдени со Економскиот и инвестициски план, изјави портпаролката на Европската комисија.

Ана Писонеро Хернандес посочи дека ЕУ обезбедила „скоро седум милиони евра за техничка подготовка на дел од пругата Белград-Ниш на Коридорот 10 и дека „ЕУ веќе одвоила средства за други делови на Коридорот 10, во вредност од 135 милиони евра, и за подготовка на проектот и за градежните работи“.

На прашањето на „Данас“, дали претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за време на престојот во Брисел, им ветил на претставниците на ЕУ дека ќе бидат спроведени реформи во врска со владеењето на правото, таа одговори дека Србија напредувала во бројни домени.

-На пример, што се однесува до уставните реформи, ние го поздравуваме фактот дека парламентарната комисија ја одобри иницијативата за промена на Уставот и започнување на првата фаза од јавните расправи. Видовме и чекори за спроведување на изборната реформа, во согласност со препораките на ОБСЕ и очекуваме конкретни резултати пред следните избори, вклучително и оние што ќе се постигнат под покровителство на меѓупартискиот дијалог со посредство на Европскиот парламент, изјави портпаролката на Европската комисија.

Експертите во Србија одговарајќи за весникот „Данас“ на прашањето дали споменатата пруга Белград-Северна Македонија, како и некои други инфраструктурни проекти со земјите од ЕУ, како што е изградбата на метрото во Белград во кое ќе учествуваат француски компании или „доаѓањето“ на германските компании во Србија, ги „врзуваат рацете“ на официјален Брисел и ЕУ отворено и остро да го критикуваат режимот на Вучиќ заради „дефицитот на демократијата“, односно автократските склоности, изјавија дека постојат такви „калкулации“ во дипломатските односи.

Тие нагласуваат дека е нереално да се очекува поради профитабилните „деловни аранжмани“, институциите на ЕУ, пред сè, Европскиот парламент, да се откажат од критиките на српските власти за „олабавувањето“ на владеењето на правото, без оглед колку и Вучиќ а се обидува „медиумски да ги покрие“ забелешките кои ме се упатуваат во сегменти кои се клучни за напредокот на европскиот пат.

Слични содржини