После појавата на нови жаришта: Оваа земја ги врати рестриктивните мерки – следните две недели се клучни

од Nikola Popovski

Јужна Кореја денес ги реактивираше серијата мерки за борба против коронавирусот по појавата на нови жаришта на инфекцијата, што предизвика страв од нов бран на епидемијата.

Земјата забележа најголемо зголемување на бројот на новозаразени со вирусот после скоро два месеци, со жариште во еден магацин на една компанија за Интернет-продажба во близина на Сеул.

„Решивме да ги интензивираме мерките за карантин во градската зона на две недели, почнувајќи од утре до 14 јуни“, објави министерот за здравство на Јужна Кореја, Парк Неу-Хо.

Тој посочи дека „следните две недели се клучни за спречување на ширење на инфекцијата во градската зона“.

„Ќе мораме да се вратиме на строгото социјално растојание ако не успееме“ и ако повеќе од 50 нови случаи се регистрираат на дневна основа во наредните седум дена по ред.

Јужна Кореја имаше многу ефикасен одговор на пандемијата на коронавирус, а од 6 мај ги ублажи воведените мерки.

Музеите, парковите и уметничките галерии повторно ќе прекинат со работа во наредните две недели, а компаниите се повикани да ја вратат работата од дома, објасни министерот наа Јужна Кореја.

На граѓаните им се советува да избегнуваат собири и да не посетуваат кафулиња и ресторани.

Властите денеска објавиле дека се регистрирани 79 нови заразени лица, што е најголем број од 5 април, така што вкупниот број заразени лица достигнал 11.344.

Според Центрите за контрола и спречување на болести, 69 новозаразени лица отишле во магацин на компанија за Интернет-продажба, лоцирана во предградието на Сеул.

Околу 4.100 вработени и посетители во магацинот се во доброволна изолација, а 80 проценти од нив веќе се тестирани. На крајот на февруари, Јужна Кореја беше втората најпогодена земја од пандемијата, по Кина, каде што коронавирусот се појави во декември 2019 година.

Сепак, владата успеа да ја доведе епидемијата под контрола преку стратегија за тестирање и пронаоѓање на контактите на заразените лица.

Слични содржини