Постигнат договор: Студентите и понатаму ќе користат студентски оброк по старите критериуми

од Nikola Popovski

Драго ми е што денешниот конструктивен состанок со студентите го завршивме со позитивно решение. Се договоривме и понатаму да се користи студентскиот оброк по старите критериуми, а преку отворен дијалог ќе најдеме и системско решение, објави премиерот Димитар Ковачевски по синоќешната средба со студентските здруженија на која што присуствуваа и министерот за образование Јетон Шаќири и пратеници од Собранието.

Премиерот истакнал дека студентите секогаш имаат право да ги кажат своите ставови.

-Ние како Влада ќе бидеме секогаш тука да ги слушнеме, да разговараме и да преземаме мерки за подобрување на студентскиот стандард, бидејќи тие се иднината на државата, посочи Ковачевски.

Тој посочил дека поминале времињата кога некој можел со студентите да се поигрува така како што сака „бидејќи студентите се тие кои што се наши деца и кои што се иднината на оваа држава, а за која што иднина носиме одлуки да биде европска и да можат да живеат во услови какви што живеат нивните врсници и во Германија и во Австрија и во сите други земји на ЕУ“.

На прашањето за затоплувањето на студенските домови, Ковачевски рекол дека министерите за економија и образование и наука ќе треба точно да ја видат потрошувачката и колкава би била таа со додавање на грејни тела, и потоа тоа да се реши во наредниот период.

„Студентски оброк или политички облог“, „СТУДенти“, „Се тресеме од студ, не од страв“, „На гладно и на ладно не се учи“. Ова беа дел од пораките испишани на транспарентите на студентите кои вчера попладнето пред Собранието го одржаа најавениот протест под мототото „Стоп за уништување на студентскиот стандард“.

Младинското движење на студентите „Студенстки отпор“ побара повлекување на предложените измени на Законот за студентски стандард, изедначување на стипендиите со повискиот износ, изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење на струја и подобрување на условите и итна санација каде што е неопходна во студентските домови.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека сите заедно одлучиле да се предложи нов предлог-закон во кој ќе влезат условите од постојниот закон од 2021, а веќе од утре тој со претставници на студентските унии активно да работат на наоѓање системско решение како во другите земји.

Слични содржини