Правда испрати надзор во кавадаречкиот суд, се проверува работата на Нанев

од Nikola Popovski

Министерството за правда влезе во судот во Кавадарци. Под надзор е работата на претседателот Лазар Нанев. Членовите на Комисијата за надзор на работата на судовите по налог на министерот Кренар Лога, ќе ја контролирааат работата на Основниот суд Кавадарци.

Комисијата ќе врши надзор на работата на судот врз основа на забелешките содржани во извештаите од одржаните седници на Судскиот совет, но и по пријави за работа на претседателот на судот, судијата Нанев, испратени во Обвинителството.  Тимот од Министерството за правда ќе го испитува и АКМИС системот.

Минатата недела, Лога минатата го разреши судијата од претседател на Советот на ИКТ и иницираше постапка за изработување на нов правилник за функционирање на советот.

Лога појасни дека постојат сериозни наводи дека е нарушен интегритетот на судијата Лазар Нанев и „евидентно постоење на состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните“.

-Поради сериозноста на наводите кои упатуваат на можни злоупотреби, кои воедно се поткрепени и со писмени наводи доставени од Вишото јавно обвинителство Скопје и до Министерството за правда, сè до утврдување на целосната фактичка состојба, донесов одлука судијата и претседател на Основниот суд Кавадарци да биде ослободен од должноста член на Советот за ИКТ, а со тоа и претседател на овој Совет, рече министерот.

Министерот укажа дека до Судскиот совет во изминатиот период се доставени низа писмени дописи од Советот на јавните обвинители и од Вишото јавно обвинителство Скопје во врска со поднесоци од граѓани за работата на судијата Лазар Нанев, кој воедно е и претседател на Основниот суд Кавадарци.

Слични содржини