Претседателот на Кенија: Шефот на армијата и девет високи воени функционери загинаа во хеликоптерска несреќа

од Симе Стоиков

Шефот на кениските вооружени сили Френсис Омонди Огола и уште девет воени службеници загинаа во хеликоптерска несреќа на западот на земјата, соопшти претседателот Вилијам Руто.

„Денеска во 14:20 часот (13:20 часот по средноевропско време) нашата нација доживеа трагична воздушна несреќа во регионот Синдар, област Елгејо Мараквет. Со длабока тага ја објавувам смртта на генералот Френсис Омонди Огола, началникот на вооружените сили на Кенија“, рече претседателот на кениската држава по итниот состанок на Советот за национална безбедност.

Тој додаде дека има уште 11 храбри војници кои биле во несреќата со генералот Огол, од кои исто така девет загинале, а двајца преживеале.

Воената делегација била на посета во областа, која е 400 километри од Најроби, за да ги обиколат кениските војници распоредени таму да се борат против криминалните банди кои шират терор.

Вилијам Руто го назначи Френсис Омонди Оголо (61) за шеф на армијата на 29 април 2023 година. Дипломирал на военото училиште во Париз и на Националниот одбранбен колеџ во Кенија, а кариерата ја започнал во воздухопловните сили во 1984 година, според веб-страницата на кениското Министерство за одбрана.

Слични содржини