Прилепчанка загина во пожар, шест лица се спасени

од Aleksandar Todeski

Седумдесет и двегодишна жена загина, а шест лица се спасени во пожар што избувна во семејна куќа во Прилеп.

Пожарот се случил изутрината околу 8 часот и избил во приземјето на семејната куќа на Спиркоски на улицата „Никшиќка“ број 10.

Според Методија Николоски од прилепската противпожарна единица, повикот во единицата бил во 8,37 часот и со брза интервенција успеале да ги извлечат шест лица од огнената стихија.

-За многу кратко време противпожарната единица со 4 возила и 11 пожарникари пристигна на местото на пожарот. Стихијата избувнала во приземниот дел од куќата. Пожарот се проширил по скалилата на двата ката, но со брзата интервенција спречено е да ги зафати катовите. Спасени се човечки животи, шест лица се извлечени, но за жал еден човечки живот е загубен од пожарот, изјави Николоски.

Во приземјето каде што избувнал пожарот, од засега непознати причини живеела 72-годишната Олга Спиркоска. На катовите живееле двата сина на починатата со своите семејства. На првиот кат бил еден од нејзините синови со двете ќерки, а на вториот кат биле мајката и ќерката.

Слични содржини