Пронајдени две безживотни тела на Пирин во Бугарија, едното е најверојатно македонски државјанин

од Nikola Popovski

Морничаво откритие ги шокираше бугарските спасувачки екипи, кои веќе една недела го бараат изгубениот искусен планинар Пламен Христов под врвот Вихрен, на планината Пирин, пишуваат бугарските медиуми.

При прегледување на снимките од дронот што го прелетал периметарот на наводното исчезнување на Христов на 30-ти декември, биле пронајдени кадри кои наликуваат на човечки тела.

Веднаш на местото излегле спасувачки екипи од Банско и Рила, кои го откриле телото на исчезнатиот Христов.

Неочекувано, во близина на телото на починатиот, пронајдено е второ тело на починат маж со видливи скршеници на ребрата, а се претпоставува дека исто така доживеал несреќа на планината. Телото на вториот починат – постар маж е пронајдено без документи за идентификација и засега не е јасно кој е тој.

Се претпоставува дека станува збор за личност која тргнала во потрага по Христов и дека најверојатно се работи за македонски државјанин. Кај него биле пронајдени македонски денари. Полицијата ги проверува хотелите во Банско и Сандански и се очекува наскоро да биде идентификуван по неговата фотографија, објави бугарски „24 часа“.

Поради атмосферските услови крајно е опасно да се подигне хеликоптер над Вихрен, па телата на загинатите спасувачите ќе бидат извадени преку акција на терен. Во моментов се подготвуваат уште 20 планинарски спасувачи.

Извлекувањето на телата на загинатите ќе трае најмалку 15 часа.

Двете тела се пронајдени на западната страна на планината Вихрен.

 

Слични содржини