Протоколите за прием на Финска и Шведска во НАТО во македонското Собрание

од Берта Китинска

Протоколите за пристапување на Финска и Шведска во Северноатлантската алијанса (НАТО) ќе влезат во собраниска процедура во Собранието на Северна Македонија денеска, а ќе се очекува да бидат ратификувани оваа недела.

Во вторник е закажана седница на матичната собраниска комисија за надворешна политика, а пленарната седница на која ќе се гласаат протоколите за влез на Финска и Шведска во НАТО е закажана за среда, 27 јули напладне.

Владата на Северна Македонија, 30-та членка на НАТО, на 17 јули во собраниска процедура достави посебни предлог-закони за ратификација на протоколот за пристапување на Кралството Шведска и Република Финска кон Северноатлантскиот договор со цел да се создадат формално-правни предуслови за тие две земји да влезат во најголемиот воено-политички пакт во светот.

Премиерот Димитар Ковачевски и членовите на Владата, како што тогаш беше соопштено, отворено ја поддржаа иницијативата на Шведска и Финска за членство во НАТО и уште во мај Владата во Скопје даде согласност за прием на Финска и Шведска.

Протоколите поврзани со приемот на Шведска и Финска беа потпишани на 5 јули во Брисел од овластени претставници на земјите-членки на НАТО.

„Република Северна Македонија даде целосна поддршка на политиката на отворени врати на НАТО, поддржувајќи го натамошното проширување, како и членството на Кралството Шведска и Република Финска во Северноатлантската алијанса, оценувајќи ја како важен чекор и придонес за зајакнување безбедноста и стабилноста во Европа по неоправданиот воен напад на Руската Федерација врз Украина“, посочија од Владата.

Слични содржини