Први случаи на мајмунска сипаница во Ирска и Аргентина

од Vladimir Zorba

Ирска го потврди првиот случај на мајмунска сипаница во таа земја, соопштија здравствените власти. Евидентирани се и првите случаи во Латинска Америка – Аргентина објави дека ја регистрирала инфекцијата кај двајца пациенти.

Здравствената агенција на Ирска соопшти дека во таа земја е регистриран првиот случај на зараза со мајмунски сипаници, пренесе Ројтерс.

Уште едно лице за кое постои сомневање дека е заразено е изолирано и се чекаат резултатите од тестот, соопштија локалните власти.

Првите случаи на инфекција во Латинска Америка се забележани во Аргентина. Министерството за здравство соопшти дека се регистрирани два случаи.

Говорејќи за првиот човек кој бил заразен, аргентинското Министерство соопшти дека пациентот е во добра состојба и дека луѓето кои биле во близок контакт со тоа лице се под клиничка и епидемиолошка контрола, без симптоми.

Подоцна е потврден уште еден случај, со шпански државјанин кој во средата допатувал во Аргентина, за кој било констатирано дека е во изолација, дека е во добра општа состојба, како и дека прима терапија.

Досега мајмунски сипаници се регистрирани во повеќе од 20 земји каде болеста не е ендемична, а СЗО претходно соопшти дека општата популација не треба да се грижи за болеста.

Оваа болест припаѓа на семејството на вируси, во кое спаѓаат и сипаници. Тие се ретка вирусна болест која е претежно блага и од која повеќето луѓе се опоравуваат по неколку недели.

Вирусот не се пренесува лесно меѓу луѓето и ризикот од епидемија не е голем.

Слични содржини