Путин ѝ порача на СЗО: Побрзајте со признавањето на вакцини бидејќи на светот му се закануваат нови соеви

од Nikola Popovski

Рускиот претседател Владимир Путин не ја исклучува можноста во светот да се појават нови, поопасни соеви на коронавирусот, нагласувајќи дека Светската здравствена организација би можела да го забрза признавањето на новите вакцини против Ковид 19.

„Во азиско-пацифичкиот регион и воопшто во светот, сè уште има бројни социо-економски и други проблеми за кои веќе зборувавте, а корона вирусот е далеку од пораз. Не е исклучена појавата на нови и уште поопасни видови на таа инфекција“, рече Путин, говорејќи на самитот на форумот „Азиско-пацифичка соработка“, кој се одржа во формат на видео конференција.

Тој посочи и дека е потребно да се направи се за да се зајакнат здравствените системи на земјите.

„Решавањето на овие големи задачи секако ќе придонесе за квалитетно зајакнување на меѓународната соработка во медицинската и фармацевтската сфера“, изјави рускиот лидер.

Истовремено, тој повика на взаемно признавање на вакцините и сертификатите за вакцинација против коронавирус во светот што е можно поскоро, потсетувајќи дека Русија таа иницијатива ја претстави на неодамна одржаниот самит на Г20.

„Сигурен сум дека колку побрзо тоа се направи, толку полесно ќе биде целосно обновување на глобалниот бизнис, туризмот и другите активности. „Нашата земја ќе продолжи да им помага на сите земји на кои им е потребна со испорака на вакцини, лекови, опрема, тестови, опрема за лична заштита“, прецизира Путин.

Во таа насока, рускиот лидер истакна дека Светската здравствена организација може да ги забрза процедурите за проценка на квалитетот и безбедноста на вакцините против коронавирусот, што ќе придонесе за меѓусебно признавање на сертификатите.

Тој нагласи дека активностите на СЗО заслужуваат секаква поддршка, а чекорите кои го нарушуваат прерогативот на СЗО се неприфатливи.

Слични содржини