Рафтовите во маркетите полупразни, маслото за јадење со „изгор“ цени

од Берта Китинска

Во некои од продавниците веќе подолго време се празни полиците каде стои сончогледовото масло за јадење , а таму каде што го има, се продава по цени од 124 и 132 денари.

Деблокада и старт на испораката чекаат и од Брилијант. Дирекоторот Коста Ташков за ТВ24, вели поради страв од повисоки цени, се купуваат големи количини.

„Залихи имаме за тековниот месец и во очекување сме да почне испораката од Србија каде имаме договори за набавка на количини за наредните два месеци, а исто така преговараме и со други добавувачи од трети земји со што мислам дека ќе обезбедиме количини до наредната реколта.“ – вели Коста Ташков од Брилијант.

За министерот за економија растот на цената се должи на повисоките цени на суровото масло на светските берзи. Според Бектеши земјава нема проблеми со снабување и производство на масло. Смирува – доколку има потреба во координација со земјоделие ќе носат дополнителни мерки со цел ублажување на нов ценовен раст.

-За основните прехранбени производи како Влада веќе донесовме одлука во делот на намалување на ДДВ-то од 5 на 0 отсто, а правиме и други мерки за утврдување на одредени количини кои преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство би можело да бидат субвенционирани за нашите производители, рече Бектеши.

Тој напомена дека ДПИ редовно врши контрола и превзема мерки кон трговците.

-Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) редовно врши контрола и согласно законските прописи и врз основа на одлуките донесени од Владата веднаш ќе постапат и ќе се преземат соодветни мерки во случај трговците на мало да биле снабдени, а на нивните полици нема масло за јадење. Доколку тие чуваат резерви тоа е спротивно на одлуката на Владата и спротивно на Законот за заштита на потрошувачите и секако дека ДПИ има законско право да направи проверка и да донесе соодветни мерки, прецизира Бектеши.

Слични содржини