Ременски: Не е проблем списокот на Каракачанов, туку наездата на негација на македонскиот народ и јазик

од Nikola Popovski

„Не знам само дали сите разбираат на што се смејат и мајтапат по објавениот “список” од Красимир Каракачанов и дали е смешно воопшто. Проблемот е друг и поголем“, објави екс-пратеничката и членка на СДСМ, проф. Фросина Ременски.

Според неа, проблемот е што во наездата на негација на македонскиот народ и јазик и отворениот шовинизам од Красими Каракачанов од позиција на министер за одбрана, нам како народ час ни “одговараат” неговите објави, час ги толкуваме како антимакедонски и против нашата држава.

„Или си против се’ од него или не си против ништо, зошто едно со друго не оди. Едно е сигурно, да нема никаква дилема, а тоа е фактот дека државни институции од Бугарија ги имаат личните податоци на сите државјани на Бугарија и евиденција за основот по кој го стекнале. Исти евиденции имаат сите земји од опкружувањето. Се’ додека нашата земја не забранува наши државјани да имаат двојно или тројно државјанство, институциите немаат легитимно право да го оспоруваат правото да се има српско, хрвстско, бугарско, албанско, косовско итн., државјанство покрај македонското“, стои во објавата на Фејсбук на Ременски, при што напоменува:

„Како човек што долго време ги проучува односите на Македонија со соседите низ призма на малцинските права одамна ме загрижи податокот дека до 2006 година близу 74.650 наши граѓани зеле бугарски пасош. Кога зборував за тоа многумина сметаа дека се занимавам со националистички прашања. Денес 15 години по тој официјален податок воопшто не ме чуди бројката за барање спас во бугарски пасош за пат и работа во светот на многу наши сограѓани. Ме чуди само што не разбравме и не пораснавме. Не осудив никого и тогаш ни сега. Но, знам дека како држава имаме обврска, преку нашето МНР да реагираме на секој организиран политички напад врз нашата држава, нашиот суверенитет и интегритет, нашиот јазик и идентитет, дури и кога индивидуи не го бараат тоа од неа, а се засегнати од некаков напад од странство. (сетете се само какви димензии доби случајот со Спаска Митрова).

Ако тоа го прави министер за одбрана на земја членка на НАТО кон земја членка на НАТО таквите изборни пропаганди како хибридни закани се пријавуваат и се дискутираат на политички форуми и маси во НАТО. Но, и тоа и тоа го нема.

Останува на дневно-пропагандна основа да си ги вадиме очите во интерес на националниот спас и помирувањето.

Сето ова не и’ оди ниту во прилог на Бугарија, ниту во прилог на Македонија, а најмалку во интерес на добрососедството. Размислете добро“, стои во објавеното.

Слични содржини