Русија планира поморска база во отцепен грузиски регион

од Stefanija Kuzmanovska

Русија планира поморска база на брегот на Црното Море во отцепениот грузиски регион Абхазија, изјави лидерот на регионот за весникот „Известија“ во четвртокот, еден ден по средбата со претседателот Владимир Путин.

Аслан Бжанија, самонаречениот претседател на отцепениот регион поддржан од Русија, рече дека е потпишан договор за постојана поморска база во регионот Очамчира.

„Потпишавме договор и во блиска иднина ќе има постојана база на руската морнарица во областа Очамчира“, изјави Бжанија за „Известија“.

 

„Сето ова е насочено кон зголемување на нивото на одбранбените способности и на Русија и на Абхазија, и овој тип на интеракција ќе продолжи“, рече тој. „Има и работи за кои не можам да зборувам“.

Русија ги призна Абхазија и уште еден отцепен регион, Јужна Осетија, како независни држави во 2008 година, откако руските сили го одбија обидот на Грузија да ја врати контролата врз Јужна Осетија во петдневната војна што заврши на 12 август 2008 година.

„Волстрит журнал“ објави дека Русија го повлекла најголемиот дел од својата Црноморска флота од својата главна база во анектираниот Крим поради украинските напади.

Русија се уште се нема огласено на оваа тема.

Слични содржини