Руските воени бродови го напуштија анектираниот Крим, откриено на која локација се упатени

од Stefanija Kuzmanovska

По серијата напади врз седиштето на руската Црноморска флота, Москва ги премести своите воени бродови од анектираниот Крим на југот на земјата, објави независниот медиум The Bell, повикувајќи се на сателитски снимки споделени од воени блогери.

Фрегатите Адмирал Есен и Адмирал Макаров, три подморници, пет големи десантни бродови и неколку помали ракетни бродови сега се закотвени во пристаништето Новоросијск во руската област Краснодар, се вели во извештајот. Адмирал Макаров станал заповеден брод на Црноморската флота на руската морнарица откако минатата година беше потопен ракетниот крстосувач Москва.

Сателитските снимки од почетокот на октомври покажуваат дека голем десантен брод, миночистачи и други помали пловила се преместени од Севастопол на југозападен Крим до пристаништето Феодосија на истокот на полуостровот. Минатиот месец, Севастопол беше под два големи украински ракетни напада, прво на 13 септември, кога подморница и голем десантен брод беа тешко оштетени, а потоа на 22 септември, кога беше погодена командата на Црноморската флота.

Британското министерство за одбрана во понеделникот објави дека руската Црноморска флота „најверојатно ќе се пресели во Новоросијск соочена со заканите во Севастопол“, додека демонстрира сила со зголемена активност на поморските воздухопловни сили.

The Bell забележува дека руските воени бродови можат да лансираат крстосувачки ракети кон цели на територијата на Украина од нивните сегашни пристаништа, но преместувањето на бродовите веројатно значи дека Москва нема да може да го спречи идниот украински извоз на жито и дополнително фрла сомнеж за вкупната вредност на флотата.

„Најважно е што Црноморската флота практично се откажува од своите претензии за контрола над западното Црно Море“, наведува независниот руски портал. Украина користи асиметрична поморска војна за да ја деградира и „демилитаризира“ руската морнарица, изјави за „Њузвик“ во септември поранешниот украински министер за одбрана и актуелен советник на министерството, Андриј Загородњук.

Кремљ одби да коментира за трансферот на бродови од Севастопол во Новоросијск, упатувајќи ги новинарските прашања до министерството за одбрана. Нападите во Црното Море се зголемени откако Москва ова лето се повлече од договорот со кој на цивилните товарни бродови им се овозможи безбедно минување од украинските пристаништа.

Слични содржини