Руско-украинската војна не влијае на количеството на пченица што го увезуваме,туку на цената

од Берта Китинска

Мелничарите од земјава смируваат. Изјавата за забрана за извоз на пченица од Србија која за утре ја најави претседателот Вучиќ, велат дека е погрешно протолкувана и таа не значи дека Македонија ќе остане без оваа житарица .

„Ќе се донесе забрана, но таа ќе биде во вид на квоти кои ќе бидат распределени по држави.Јас ве уверувам дека не постои никаква опасност за Македонија во делот на можноста да се обезбедат компаниите и граѓаните со доволно храна, особено зборувам во делот на житарици”, изјави за „Локално“, Тодор Ѓорѓевсски од Кадино Груп.

Посочува дека нашиот северен сосед кој е 12-ти извозник на пченица во светот и 7-ми извозник на пченка, има повеќе од доволни количини не само да ги задоволи своите потреби, туку и за извоз.

„Се работи за девизни приливи на државата од која бенефи имаат самите компании, како и државата. Србија не може вишокот да го остави дома и да забрани извоз’’, тврди Ѓорѓевски.

Како дополнителен аргумент посочува и на фактот дека Србија добро знае дека проблемот со недостиг на храна лесно може да се прелее на соседна територија и да предизвика домино ефект кој негативно ќе влијае на стабилноста во регионот.

Осврнувајќи се на дилемите и стравувањата за можното поскапување на цената на пченицата ,Ѓорѓевски забележува дека цената не ја диктира Србија туку светските берзи.

Јавноста ја вознемири веста дека Србија од утре го забранува извозот на пченица и брашно. Дали навистина може да се забрани овој извоз и што ќе значи тоа за македонските мелничари?

Таква мерка нема да се донесе. Ќе се донесе забрана, но таа забрана ќе биде во вид на квоти кои ќе бидат распределени по држави. Сигурно Србија нема да не остави без количини кои и се потребни на Македонија во текот на цела година.Веста е извадена од контекст и во наредните денови ќе се објават квоти за државите кои имаат потреба да увезуваат пченица и брашно од Србија. Секако, согласно билансот кој Србија го има во делот на производство, расположлива количина и можност за извоз, тие имаат уште 750.000 – 800.000 тони пченица да ги извезат, а неофицијално се знае дека имаат околу 250.000 тони регистрирани договори што допрва треба да се извезат од Србија. Тоа значи дека може да се потпишуваат договори и да се изнесат уште 500.000 тони роба од Србија.Во ниту еден случај тие нема да ги нарушат своите потреби за да извезат, значи своите потреби ќе можат да ги задоволат и покрај тоа што одредена количина ќе биде извезена. Се работи за девизни приливи за државата од кои ќе имаат бенефит и самите компании, како и самата држава од данокот на добивка. Не може вишокот да го остави во сопствената држава и да се забрани извоз. Теоријата е дека ако во нешто имате вишок ќе го извезете и ќе остварите девизен прилив. Бенефит има и за компаниите и за народот и за самата држава.

Дали овие квоти ќе бидат доволни за нашата држава? Граѓаните стравуваат дека можеме да се соочиме со недостиг на пченица и жито, па веќе почнаа да складираат резерви.

Тие се сосема доволни. Во Србија има голема свест од страна на министерствата и од самиот државен врв дека пред се треба да бидат задоволени потребите на сопствената држава а потоа и на соседните држави. Ако ние во Мaкедонија, БиХ или во Албанија имаме проблем со недостиг на храна,многу лесно овој проблем може да се прелее на соседна територија. Тие се свесни дека најважно е да се сочува мирот, стабилноста, да бидат нахранети не само луѓето во сопстевната држава туку и од соседството, бидејќи секој недостиг може да има негативни ефекти и да предизвика домино ефект од една на друга држава.

Дали увозот на пченица од Србија е редовна постапка и во текот на сите претходни години?

Да. 99% од потребите за пченица, Македонија ги набавува од Србија. Оваа држава е еден од најголемите производители на пченица, 12- ти најголем извозник во светот и шести – седми најголем извозник на пченка во светот.Србија во регионот е еден од најголемите производители на пченка и на пченица.


Што можат да очекуваат потрошувачите во иднина? Дали ќе биде поскапена цената на брашното, лебот, печивата и останатите производи од брашно?

Цената на пченицата и на пченицата не ја диктира Србија, туку светските берзи.Главните светски берзи кои диктираат цени и движења на тие стоки во делот на житариците се во Париз и во Чикаго. Тие го диктираат трендот дали цената ќе оди нагоре или надоле. Ако оди нагоре, што е случај овие денови, тогаш Србија добива индикативни цени на основа на кои се движат и на внатрешниот пазар, а се однесуваат и на количините кои одат за извоз. Значи, ние не можеме да кажеме на пример: Србија сака да даде ефтино и ќе се спротивстави на цените на светскиот пазар. Уште помалку на тоа може да се спротивстави Македонија.Тоа се ценовни берзански движења и врз таа основа компаниите и државите се адаптираат и ги прават потребните корекции.Значи, тоа не зависи ниту од нас, ниту од Србија.

Дали ова практично значи дека руско –украинската војна не влијае врз количеството на пченица која што ја увезуваме, туку само на цената?

ДА, влиајанието е само врз цената. Србија е добро обезбедена држава во регионот и освен фактот дека се корегира цената заради светските случувања и светските берзански движења, нема никаква друга промена. Јас ве уверувам дека не постои никаква опасност за Македонија во делот на можноста да не се обезбедат компаниите и граѓаните со доволно храна, особено зборувам во делот на житарици.

К.В.С.

Слични содржини