С. Македонија годинава ќе ја заврши со инфлација од 14,3%, за наредната се предвидува поумерена стапка

од Nikola Popovski

Советот на Народната банка (НБ) одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка. По усвојувањето на Извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции во јавноста на конференцијата за печатот.

-Имајќи го предвид ваквото окружување, изгледите за растот на домашната економија се коригирани надолу. Во услови на исклучително голема променливост на претпоставките и висока неизвесност, изготвени се две сценарија. Според основното сценарио, стапките на раст изнесуваат 2,3% и 2,6% за 2022 и 2023 година, соодветно, поддржани од домашните фактори поврзани со најавените инфраструктурни инвестиции и инвестициите за проширување на капацитетите кај дел од извозниот сектор. Доколку оваа поддршка биде послаба од очекувањата, имајќи го предвид понеповолното надворешно окружување, во второто сценарио економските изгледи ќе изнесуваат 2% и 1,8% за оваа и за следната година. На среден рок, се предвидува зголемување на растот на БДП на 3,6% во 2024 година и на 4% во 2025 година. Ризиците околу проектираната патека на растот се надолни и ќе зависат главно од надворешното окружување, велат од Народната банка.

За 2022 година, се предвидува просечна годишна инфлација од 14,3%.

-За следната година, се очекува намалување на увозните цени се во насока на нивно намалување (според проекциите на меѓународните финансиски институции), со што би се намалиле и притисоците врз домашната инфлација. При вакви очекувања, како и оцени за отсуство на поголеми притисоци од побарувачката, за 2023 година се очекува дека просечната стапка на инфлација ќе биде поумерена и ќе изнесува 8 ‒ 9%, во зависност од порастот на цените на електричната енергија на регулираниот пазар. Се очекува дека врз движењето на инфлацијата би делувале и мерките за субвенционирање на цената на електричната енергија за прехранбената индустрија од страна на државата, како и постепеното затегнување на монетарната политика. За 2024 година се очекува дека инфлацијата значително ќе забави, сведувајќи се на 2,4% и ќе се врати на историскиот просек од 2% во 2025 година, порачуваат од таму.

Најновите проекции за кредитниот пазар, велат од НБ, упатуваат на умерено забавување на растот на кредитната активност до крајот на 2022 година, што ќе продолжи и во 2023 година. Растот на кредитите во 2022 година би изнесувал 9,2% на годишна основа, додека во 2023 година 7,1%. Во следниот период се очекува стабилизирање на кредитната активност, со просечна стапка на раст од 7,5% во периодот 2024 ‒ 2025 година, во услови на раст на домашната економија, стабилизација на очекувањата и зголемена побарувачка на кредити од домаќинствата и корпоративниот сектор. И покрај војната во Украина, мерките преземени од страна на Народната банка овозможија натамошен раст на депозитите со слична динамика, така што според сегашните проекции се очекува дека на крајот на 2022 година тој ќе изнесува 3,9%. Со стабилизацијата на тековите и со делувањето на мерките на Народната банка за поттикнување на денарското штедење, се очекува  раст на депозитите од 6,5% во 2023 година и 8%, во просек, за периодот 2024 ‒ 2025 година.

-Општо земено, најновите оцени за растот на македонската економија се понеповолни во однос на априлскиот циклус проекции за оваа и за следната година, под влијание на војната во Украина којашто продолжува, а со тоа се продлабочува енергетската криза, што, пак, посилно се одразува врз изгледите за растот и инфлацијата. Оцените се проследени со висока неизвесност, а ризиците се изразено надолни и се поврзани со геополитичките случувања коишто неповолно влијаат и врз цените и врз економската активност во глобални рамки.  Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, одлучно ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, со цел да се одржи стабилноста на девизниот курс и среднорочната ценовна стабилност, соопшти денеска гувернерката на НБ, Анита Ангеловска-Бежоска.

Слични содржини