„Санчез, предавник“: Дури 170 илјади луѓе на протест во Мадрид

од Vladimir Zorba

Околу 170.000 демонстранти се собраа во саботата во центарот на Мадрид против социјалистичкиот премиер Педро Санчез, кој во четвртокот доби нов четиригодишен мандат благодарение на договорот со поддржувачите на каталонската независност.

„Не во мое име: ниту амнестија, ниту самоопределување. За слобода, единство и еднаквост!“, изјавија стотина здруженија кои свикаа собир на плоштадот Цибелес, пред градското собрание.

По протестот, на кој според мадридската полиција присуствувале 170.000, а според организаторите 500.000, дел од гневните граѓани се упатиле кон седиштето на левичарската влада, но биле спречени од полицијата која го блокирала патот.

„Санчез, копиле, излези на балконот“, извикуваа демонстрантите кои носеа шпански знамиња.

Санчез формираше левичарска коалициска влада составена од неговата Шпанска социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) и малцинството Сумар, со поддршка на регионалните партии од Каталонија, Баскија, Галиција и Канарските Острови. Владејачката коалиција има 152 пратеници во 350-члениот парламент и ќе зависи од поддршката од регионалните сецесионистички партии.

Околу 3.000 демонстранти дојдоа до седиштето на социјалистичката партија каде извикуваа „Санчез, предавник“.

Пред изборите одржани во јули, Санчез изјави дека нема да го прифати законот за амнестија, но минатата недела до парламентот испрати предлог-закон за суспензија на судските постапки за неколку стотици лица кои учествуваа во подготовката и спроведувањето на забранетиот референдум за независноста на Каталонија во 2017 годинa. Социјалистичкиот премиер го отфрла повикот на регионалната каталонска влада да организира консензуален референдум во Каталонија, повикувајќи се на одлуката на Уставниот суд според која таквата декларација не е во согласност со уставот.

Демонстрантите, сепак, веруваат дека неговата отстапка за каталонските партии, како и оние од Баскија, северната покраина на која и додели статус на „нација“, може да доведе до нов обид за отцепување.

„Ова е државен удар“, рече Сантијаго Абаскал, лидер на десничарската партија Вокс, за потегот на Санчез. Абаскал, кој со денови учествува на протести, ги повика граѓаните да останат на улица до дополнително известување.

Протести се одржаа и во други градови како Севиља и Памплона.

Пратеничката од социјалистите, Паткси Лопез, ја обвини „десницата и екстремната десница“ дека не сака да ја признае волјата на мнозинството што ја формираше владата.

Во четвртокот за влада во парламентот гласаа 179 пратеници, а 171 беа против.

На неизвесните избори пред четири месеци, Народната партија предводена од Алберто Нуњез Фејо доби најмногу гласови, но не доволно за самостојно да формира влада. Откако Фејо не ја доби поддршката од останатите партии, шанса доби второпласираниот на изборите Санчез.

Минатата недела Санчез го бранеше договорот со каталонските застапници за независност во парламентот, велејќи дека тоа ќе придонесе за соживот меѓу сите Шпанци и ќе ги намали претходните политички тензии во автономната покраина со 7,5 милиони жители.

Слични содржини