СДСМ одлучи: Митрески претседател на Собрание, Зечевиќ шеф на изборниот штаб

од Nikola Popovski

Пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, ќе биде нов претседател на Собранието на 100 дена пред изборите. Како што кажа партискиот портпарол Дарко Каевски, Митрески е партиски избор за нов спикер бидејќи е пратеник со долгогодишно искуство, чесен, вреден и посветен на граѓаните и државата.

Тој исто така информира дека како втор заклучок на ИО на СДСМ е задолжување на генералниот секретар на партијата да спроведе подготовка на Роковник за постапката, начинот и критериумите за избор на кандидат за претседател за претседателските избори, согласно Статутот на партијата.

-Како трет заклучок, за Шеф на Централниот изборен штаб на СДСМ, Извршниот одбор го предложи генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски. СДСМ е подготвена и на изборите оди на двојна победа на претседателските и парламентарните избори. СДСМ ќе го даде победничкиот кандидат за претседател и ќе ја формира идната проевропска Влада, додаде Каевски.

Синоќа се донела и одлуката со која претседателот на партијата Ковачевски се овластува да ги започне подготвителните разговори и консултации со парламентарните партии во врска со техничката влада.

Ова следува откако ДУИ предложија актуелниот спикер Талат Џафери да биде технички премиер во преодната владата за спроведување на изборите. Според ВМРО-ДПМНЕ, Џафери ќе нема легитимитет.

Слични содржини