СДСМ поднесе Декларација за Илинден, очекува секој пратеник да ја поддржи

од Nikola Popovski

СДСМ ја поднесе Декларацијата за Илинден – најголемиот македонски државен празник до Собранието, информира портпаролот и пратеникот на партијата, Дарко Каевски.

Ова следува откако оваа година се навршуваат 120 години од Илинденското востание и создавањето на Крушевската република. Идеалите на таа Република и тоа востание беа инспирација на идните генерации борци за слобода кои во 1944 година на Првото заседание на АСНОМ ја формираа првата македонската држава.

Оддавајќи почит на пожртвуваноста на борците за слобода и демократија наша должност е постојано да го искажуваме нашиот восхит и почит кон сите оние кои ги дале своите животи за слобода, испраќајќи со тоа силна порака за заедништво, рамноправност и демократија. Сето ова е содржано во Декларацијата што денеска ја поднесуваме до Собранието, истакна Каевски.

Очекува оваа Декларација наскоро да се најде пред пратениците и ги повика секој пратеник без разлика од која партија доаѓа, истата да ја поддржи и таа да биде усвоена од македонското Собрание.

Во пресрет на втори август, партијата на поранешниот бугарски премиер, Кирил Петков во бугарскиот Парламент читаше став за Илинденското востание. Пратеникот на Преродбата Продолжува, Христо Даскалов, во своето обраќање пред Парламентот дури не ги ни спомена Македонците дека биле дел од востанието пред 120 години. По ова, СДСМ најавија дека ќе достават Декларација во Собранието.

Слични содржини