СДСМ: Повеќе од 80% од листите на ВМРО-ДПМНЕ се истите пратеници кои блокираа и кочеа во Собранието

од Nikola Popovski

СДСМ утрово реагираше на изборните листи на ВМРО-ДПМНЕ за пратеници. Според владеачката партија, „составот на листите потврдува дека во ДПМНЕ нема никаква промена и дека тоа е партија свртена кон минатото“. За СДСМ, повеќе од 80% од кандидатите на листите се истите пратеници, кои, како што велат, спроведуваа активни блокади на Собранието, правеа опструкции и кочеа.

-Беа и против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во НАТО и против евроинтеграциите, тропаа и вревеа со вувузели додека во парламентот зборуваше Урсула фон дер Лајен. Нивната работа изминатите четири години ја одбележаа одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од ДПМНЕ, стои во партиското соопштение.

Со истите лица на листите, додаваат од „Бихаќка“, Белата палата потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата.

-Со ДПМНЕ е можно само враќање назад. Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад со ДПМНЕ, рекоа од СДСМ.

Раководството на најголемата опозициска партија синоќа ги потврди кандидатските листи за пратеници во шесте изборни единици. Целосните листи со имиња и презимиња на кандидатите, кои ги потврдил Извршниот и Централниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, пред медиумите ги прочита единствениот од четворицата потпретседатели на партијата кој не е на листите, Тимчо Муцунски, кој е сегашен градоначалник на Аеродром.

-Овие избори се всушност одлука за тоа каква Македонија сакаме. Нивната, таа на власта, затворена, омаловажена, криминализирана, или онаа Македонија каква народот ја сака, и за каква се бориме. Македонија со надеж, иднина и сигурност, рече меѓу другото Муцунски.

Тој порача дека ова се победнички листи и дека се надеваат на мнозинската поддршка од граѓаните на Република Македонија.

За парламентарни избори, државата е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници – која партија колку мандати ќе добие во секоја изборна единица се пресметува според т.н. Донтов модел.

Слични содржини