СДСМ се определи за Пендаровски: „Доколку кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ води тврда националистичка кампања, околу 200 илјади Албанци можат да одлучат во вториот круг“

од Nikola Popovski

Партиите ги откриваат имињата на кандидатите кои влегуваат во трката за претседател. Познати се веќе седуммина претенденти за фотељата на Вила Водно. Претседателот Стево Пендаровски ќе биде кандидат на СДСМ и ќе се бори за втор мандат. Се очекува само формалниот Конгрес на партијата, на кој треба да му биде дадена повторната поддршка на актуелниот шеф на државата. Интересно е што се провлекоа многу имиња, а меѓуопштинските комитети бираа и меѓу Црвенковски, Шеќеринска, Спасовски…

Од друга страна, Бујар Османи ќе биде кандидат за претседател од редовите на ДУИ. најави денес во јавно обраќање лидерот на партијата, Али Ахмети. Тој ги повика граѓаните да изберат претседател и заменик-претседател со двојно мнозинство, според Бадентер.

Дел од стручната јавност оценува дека СДСМ направи добар избор со најавената повторна поддршка за Пендаровски. Според нив, лидерот на владеачката партија, Димитар Ковачевски „сметката“ на актуелниот шеф на државата ја гледа во тоа што „има добар кандидат“.

-Тоа е најдобрата сметка. Стево Пендаровски е исклучително добар кандидат, со, според мене, успешен мандат зад него. Човек кој што покажа интегритет. Нашиот Устав не им дава многу ингеренции на претседателите, но сепак тој го искористи мандатот колку што може и со авторитетот, добро ја извршуваше функцијата. Тоа е сметката за Ковачевски кога вели дека има добар кандидат. Тоа е математиката, вели за „Локално“ поранешниот министер и граѓански активист, Ѓунер Исмаил.

Ѓунер Исмаил

Според него, Пендаровски има огромна предност пред неговите противници, но ќе мора да се истрча уште една изборна кампања и ново претставување.

-Кај нас, на кампањите се дискутира и за улици, тротоари, канализации…, но таков е нашиот фолклор. Пендаровски ќе биде успешен, освен ако не влезе во замката на опозицијата и лажната опозиција Левица да дискутира за глупави и авантуристички потези кои што требало државата да ги направи, а не ги направил тој и владеачката партија која го кандидира за нов мандат, оценува Исмаил.

Во однос на тоа дали гласовите од вториот круг, можат да одат на контото на Пендаровски и обратно, доколку Османи го победи на терен, соговорникот вели дека ДУИ не смееше да остане без свој кандидат и поради тоа понудија, како што посочува, пристојно решение во Османи.

-Министерот остава добар впечаток. Што ќе се случува во вториот круг, ќе биде на ниво на обложувалница, не би знаел. Гласачите не треба да ги потценуваме, ќе си гласаат соодветно нивните заклучоци. Не верувам дека и самите ДУИ знаат што ќе прават, моментално се сконцентрирани чесно да ги истрчаат претседателските избори, заклучува Исмаил.

Пендаровски има повисок рејтинг од сите други кандидати и веројатно капацитет да привлече нови неопределени и албански гласачи, посебно во евентуален втор круг на гласање, вели политичкиот аналитичар, Бесим Небиу за определбата шефот на државата да трча за втор мандат. За шансите на претседателот, во разговор за „Локално“, подвлекува дека СДСМ ќе тргне со понизок рејтинг од минатите избори, а и Пендаровски како нивен кандидат нема да влезе како фаворит на овие избори.

Бесим Небиу

-Очекувам дека за разлика од 2019 година, овојпат во првиот круг ќе води кандидадот на ВМРО-ДПМНЕ и со тоа ќе добие извесна психолошка предност. Но, доколку Пендаровски успее да влезе во втор круг – отворени се сите комбинации, имајќи го предвид фактот дека тој ден ќе има поголема излезност  поради поклопување со парментарните избори. Така, доколку кандидатот на ВМРО -ДПМНЕ води тврда националистичка кампања, тоа може да се изрази негативно по неа, имајќи предвид дека околу 200 илјади Албанци ќе се упатат на гласачките места и можат да одлучат да казнат таква кампања. Во секој случај ќе биде интересен изборен процес, објаснува Небиу.

Очекува ДУИ да го подржи кандидатот на СДСМ во вториот круг.

-Ахмети се пишмани за сопствената кандидатура, но сепак мораше да излезе со свој кандидат, за да му парира на Таравари. Ова беше „изнуден потез“ на ДУИ, мошне нетипично за нив, но и знак на тоа колку е голема опасноста од здружената албанска опозиција на овие избори, предупредува соговорникот.

Небиу не верува дека Османи има шанси за втор круг.

-Мислам дека неговиот плафон е верното гласачко тело на ДУИ, што е недоволен број за втор круг, во услови кога Таравари ќе ги добие сите гласови на опозицискиот албански гласач, како и добар дел од неопределените, тврди аналитичарот.

Професорката Гордана Силјановска Давчева е претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. На јавниот оглас таа била единствената која се пријавила – велат од партијата. На 2-ри март ќе се одржи конвенцијата за промоција на кандидатот на најголемата опозициска партија.

Учество во претседателската трка најави и првиот човек на, ГРОМ Стевчо Јакимовски.

Партиите од албанскиот опозициски корпус се престроија зад кандидатурата на Таравари од Алијансата за Албанците. Една од трите постулати за кои тој ќе се залага е и во иднина шефот на државата да се избира во македонското Собрание.

Поддршка од граѓаните преку собирање на потписи ќе бараат Д-р Вело Марковски и проф. Билјана Ванковска кандидатот на Левица.

Парламентарните избори ќе се одржат на 8 мај, среда, заедно со вториот круг од претседателските избори, чиј прв круг е две недели порано, на 24 април.

Н.П.

Слични содржини