Сè што треба да знаете за руската вакцина на едно место

од Stefanija Kuzmanovska

Руската вакцина „Спутник V“ е една од првите регистрирани против ковид 19. Што знаеме за неа?

Регистрацијата на „Спутник V“ беше извршена на 11 август, а првите тестови што следеа започнаа во Москва на 7 септември. Два дена подоцна, првиот волонтер ја прими вакцината. Клиничките испитувања опфатија вкупно 40.000 лица, од кои 10.000 наместо вакцина примиле плацебо.

Ефикасноста на Спутник V

Александар Гинцбург, директор на Рускиот научен истражувачки институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, рече дека 85% од волонтерите кои ја примиле вакцина „Спутник V“ немале никакви несакани ефекти.

Петнаесет проценти од вакцинираните волонтери развиле црвенило на местото на инјектирање и лесна главоболка која помина во рок од 24 часа.

Најнепријатниот несакан ефект што едно лице може да го развие по приемот на вакцината е температура до 38 степени која трае два дена, што може да се третира со една таблета парацетамол, објасни Гинцбург.

Црногорскиот лекар д-р Сергеј Боjевиќ ја прими руската вакцина против коронавирус и сними како помина вакцинацијата со „Спутник V“. Вакцината е дадена и на Оливер Стоун, филмски режисер.

Како делува Спутник V?

Вакцината „Спутник V“ се издвојува од другите бидејќи се користат два различни аденовирусни вектори за првата (rAd5) и втората (rAd26) доза на вакцината.

Ова е многу важно и поради имунитетот што потоа го добиваме.

„Со два аденовируси во две дози на руската вакцина, имунитетот треба да биде и подолг и посилен. Значи, после тоа треба да бидеме многу отпорни на короната подолг временски период“, објасни д-р Ана Глигиќ.

Имунологот Емина Милошевиќ за порталот „Нова.рс“ ги објасни разликите помеѓу вакцината на „Фајзер“ и руската вакцина против корона.

„Како и вакцината на Фајзер, и руската вакцина Спутник V носи информации за синтеза на протеините на вирусот потребни за влегување во клетката. Во вакцината на Фајзер, тие информации се во форма на РНК, а во Спутник V, информациите ги носи аденовирусот, што е ДНК. Има повеќе разлики: РНК брзо се деградира, поради што треба да се чува на многу ниска температура, но во Русија постои страв од помала ефикасност кај луѓето кои имаат антитела кон аденовирусите“, објасни д-р Милошевиќ.

Како се чува и колку чини?

Руската служба за фитосанитарен надзор ги донесе правилата за транспорт и складирање на руската вакцина. Ќе се транспортира во термички контејнери на температура од -18 степени и пониска. За транспорт на вакцината ќе се користат термички контејнери, вклучително и вреќи-фрижидери, ладилници и сув мраз.

Максималната продажна цена на вакцината „Спутник V“ против корона може да изнесува 1.942 рубли (21,61 евра) за две дози, одреди руското Министерство за здравство.

Слични содржини