Шефовите на Барса со последен состанок за иднината на Де Јонг

од Vladimir Zorba

Раководството на Барселона закажа нов состанок со агентите на Френки де Јонг за да се донесе конечна одлука за иднината на играчот.

Шефовите на Каталонците цело лето се обидуваат да го продадат играчот од средниот ред, а фаворит број еден за него останува Манчестер Јунајтед.

Де Јонг доби остар избор од луѓето во Барса – или да се пресели на „Олд Трафорд“ или да ја намали својата плата на половина за да остане на „Камп Ноу“, како што е желбата на Холанѓанецот.

Сепак, играчот од средниот ред неколку пати ги одбиваше овие можности, а медиумите во Европа тврдат дека една од главните причини за тоа е неизвесноста околу платите што му ги должи клубот.

Каталонците му должат на играчот од 17 до 18 милиони евра одложена плата од времето на Ковид пандемијата, но во моментов одбиваат да му платат. Тие дури му се заканија на играчот од средниот ред веднаш да се врати на стариот договор, бидејќи сметаат дека договорот потпишан во 2020 година е неважечки и ќе го однесат случајот на суд.

На „Камп Ноу“ сакаат во наредните денови да биде донесена конечна одлука за овој случај, како и за разделбата со уште неколку играчи како Мемфис Депај, Сержињо Дест, Пјер Емерик-Обамејанг и уште неколку други, за трансферите на Маркос Алонсо и Хектор Белерин да се извршат, како и Жил Кунде да биде официјално пријавен, откако веќе ги пропушти првите два натпревари.

Слични содржини