ШТРАЈК СО ГЛАД

од desk4

По овие избори, ова ВМРО на бегалецот Груевски треба да биде минато. А не допрва да зема залет, пишува Горан Михајловски во својата редова колумна Сакам да кажам.Ви пренесуваме дел од неа:

1Сѐ што видовме во времето на ВМРО-ДПМНЕ, со сите можни контрапротести против студенти, средношколци, студентски пленуми, новинари, со задоволни професори контра незадоволни професори, штрајк на незадоволни лекари и протест на задоволни лекари, протест на навредени Роми против шарена зграда во Скопје оти ја викале „циганска“, а никој така не ја викаше, чистење со сунѓерче и сјајче на боите од Шарената револуција од Портата во Скопје и споменикот на Филип Втори во Битола, крштевањето и пиењето вода од загаденото Дојранско Езеро, пуштањето празни коли на Брзата помош меѓу демонстрантите на Шарената револуција, протест на автобусите на ЈСП пред седиштето на СДСМ, контра шатори пред Собранието како одговор на шаторите пред Владата… сето тоа е ништо во однос на контраштрајкот што го најави српската власт. Министри и пратеници од власта ќе штрајкуваат со глад оти веќе не можеле да го трпат тормозењето од протестите на опозицијата. И се закануваат дека, ако опозиционерите почнат штрајк со глад, тогаш штрајкот со глад на власта ќе биде подолг.

Ова е навистина највисокиот врв кој ниедна пародија не ќе може да го достигне. Иако, и кај нас има тешко достапни врвови. Како на пример, кога вмровската кандидатка за претседателка на државата Гордана Силјановска-Давкова ќе каже дека за неа ќе гласат и разочараните учесници на Шарената револуција. Чекај, чекај… Шарената револуција започна како реакција на бомбите кои ги открија злочините што ги правеше власта на ВМРО-ДПМНЕ и аболицијата на претседателот Ѓорѓе Иванов. И сега, разочараните шарени ќе гласаат за да им се врати ВМРО? Па ене ги, уште се влечкаат по судови по пријавите од власта на ВМРО. Кои се разочараните шарени што ќе гласаат да им се врати ВМРО? Тие на кои Митко Чавков им се закануваше „сите ве снимаме“? Тие што протестираа против џелатот ќе гласаат за да им се врати џелатот? Тие што протестираа за поддршка на СЈО, сега ќе гласаат за да се укине СЈО? Тие што бараа да се откријат сите криминали што ги чувме во прислушуваните разговори сега ќе гласаат за запирање на истрагите како што бара ВМРО-ДПМНЕ?

Зошто би гласале? Само затоа што Силјановска-Давкова се претставува како натпартиски кандидат? И затоа што партијата што ја кандидира вика дека „гласот за Стево Пендаровски е глас за непотизмот и за грабежот на народните пари“. Ајдее… Непотизмот!? Со братучедот шеф на тајната полиција и кумот – министер за финансии. Грабеж на народните пари!! Со Скопје 2014. И со кинеските автопати и кинеските автобуси. И со восочните фигури, сликите и кристалните лустери од Белата палата што сега ги раздаваат по црквите, божем ќе се покајат за гревовите. На вмровците, за криминалите на ВМРО виновен им е СДСМ.

Христијан Мицкоски бара да му се даде нова шанса. Шанса за што? За да ни го прават тоа што ни го правеа 11 години? Да нѐ доискрадат. И да нѐ доприслушуваат? Оти, велат дека со оваа злосторничка власт веќе не се живее.  Па да ја вратиме старата.

целата колумна тука

Слични содржини