Шведскиот премиер предвидува мрачни прогнози: „Ќе имаме илјадници починати во земјата“

од Nikola Popovski

„Шведска мора да се подготви за илјадници мртви од коронавирусот, ќе имаме многу починати“, рече премиерот Стефан Лофвен во интервју за дневниот весник „Дагенс Нетер“.

Земјата се соочува со криза поради бројот на луѓе кои имаат потреба од грижа и падот на економијата. Лофвен предупреди дека пандемијата на коронавирус ќе трае со месеци, а не со недели.

„Треба да ја имаме таа перспектива и да не се откажуваме од мерките“, оцени тој.

„Одбравме стратегија за израмнување на кривата за да спречиме драматичен пораст затоа што нашиот здравствен систем нема да може да се справи со ова“, рече шведскиот премиер, додавајќи дека тоа би значело „голем број на пациенти на интензивната нега и многу мртви“.

Тој ги проценува жртвите од коронавирус во земјата врз основа на искуствата на другите земји и ширењето на вирусот во Шведска.

Според податоците од петокот, во земјата биле заразени 6.131 лица меѓу населението од 10 милиони, а 358 лица починале.

Шведска воведе многу поблаги мерки за да се спротивстави на ширењето на коронавирусот отколку нејзините соседи.

„Мислам дека не треба да се претерува“, рече Лофвен претходно.

Зголемувањето на бројот на смртни случаи и заразени лица од КОВИД-19 во Стокхолм покрена многу прашања во врска со исправноста на политиката на шведските власти за борбата против оваа болест, без ограничување на движењето на граѓаните.

Слични содржини