Siemens инвестира 30 милиони евра во ново 3D производство

од Vladimir Zorba

Siemens ќе инвестира 30 милиони евра во нова база за адитивно производство (познато и како 3D печатење) на компанијата Materials Solutions Ltd., која е дел од германскиот концерн.

Според планот, претпријатието во Ворчестер, Велика Британија, треба да проработи во септември оваа година, и на тој начин капацитетот на Materials Solutions Ltd. ќе се зголеми двојно, зголемувајќи го бројот на машините за 3D принтање до 50.

Со отворањето на новата производна единица, компанијата исто така ќе отвори над 50 високо-технолошки работни места. Оваа голема инвестиција е дел од плановите на Siemens да развива глобален бизнис во областа на адитивното производство за авионската, автомобилската и други индустрии.

Новата фабрика ќе биде целосно опремена со решенија на Siemens во областа на дигитализираните компании, како и производи од нејзиното портфолио, вклучувајќи софтверски системи и компоненти за автоматизација.

„Адитивното производство е водечко во нашата стратегија за дигитализација“, коментира Вили Мајкснер од Siemens. „Оваа значителна инвестиција го докажува нашето верување дека во секторот на адитивно производство има огромен потенцијал за иновации и раст“, додаде тој.

Во 2016 година, Siemens стекнал мнозински удел во Materials Solutions Ltd. Компанијата е пионер во користењето на технологијата на селективно ласерско топење (Selective Laser Melting) за производство на висококвалитетни метални делови, фокусирани на легури со висока температура.

Со Materials Solutions германскиот индустриски концерн нуди комплетни решенија за инженеринг и 3D печатење за производство на делови за клиенти од авионската и автомобилската индустрија, како и моторните спортови.

Слични содржини