Сијарто предупреди: „Се заканува трета светска војна“

од Stefanija Kuzmanovska

Најважната меѓународна задача е да се избегне ескалација на војната во Украина и на Блискиот Исток, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Тој предупреди дека ако некој од овие конфликти се прошири во други земји, лесно може да доведе до трета светска војна.

„Неколку меѓународни организации не успеаја да создадат мир во последниве години“, навел Сијарто, кој е во посета на Њујорк.

Според него, Европската унија и другите организации се покажале како неефикасни во придвижувањето на војната во Украина кон мир во последните две години. Наместо мир, има испораки на оружје кои го продолжуваат конфликтот и доведуваат до повеќе жртви, додаде Сијарто, пренесува МИТ.

Во меѓувреме, вели Сијарто, глобалната борба против тероризмот претрпе „голем удар“ минатиот октомври кога Хамас лансираше илјадници ракети врз Израел.

Тој истакна дека успехот на израелските антитерористички операции е глобален интерес, нагласувајќи ја важноста од заштита на цивилите и ослободување на заложниците.

„Обединетите нации ја претставуваат последната надеж за спречување на ескалација во Украина и на Блискиот Исток“, порача Сијарто, додавајќи дека го уверил генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш дека Унгарија ќе ја обезбеди сета поддршка на ОН за воспоставување мир.

Сијарто потсети дека Унгарија на крајот на јануари ја исплатила последната рата од придонесот како земја-членка за оваа година, што, како што истакна, ја вбројува во земјите што обезбедуваат ефикасно функционирање на организацијата, што според него, не може да се каже за сите членки, истакнувајќи дека постои „богата и моќна земја“ која на буџетот на ОН му должи стотици милиони долари.

Според Сијарто, ОН се клучна организација бидејќи обезбедиле платформа за комуникација дури и меѓу нациите кои се во војна меѓу себе.

Слични содржини