Сикорски: „Јавна тајна“ дека војниците на НАТО се во Украина

Сикорски сугерираше и дека Берлин има лажно чувство на безбедност поврзано со руските акции, велејќи дека градот е исто така потенцијално во домет на руските ракети.

од Бети Божиноска

Фактот дека западните сили се присутни во Украина сега веќе е „јавна тајна“, изјави полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, а пренесува германската новинска агенција ДПА.

Сикорски неодамна изјави дека распоредувањето на трупите на НАТО во земјата „не е незамисливо“ и дека го цени францускиот претседател Емануел Макрон што не ја отфрлил идејата. Тој претходно изјави и дека војници на НАТО се веќе во Украина, но дека нема да ги „набројува земјите од кои доаѓаат“.

„Како што рече вашиот канцелар Олаф Шолц, во Украина веќе има војници од големите земји “, изјави тој за ДПА.

Германскиот канцелар ја откри вмешаноста на британските и француските сили во подготовката на украинските ракетни напади додека објаснуваше зошто Берлин нема да го снабдува Киев со ракети „таурус“.

„Она што го прават Британците и Французите во однос на контролата на целта и пропратната контрола на целта не може да се направи во Германија“, рече тогаш Шолц.

На прашањето на ДПА дали откритието на Шолц е проблем, Сикорски одговори дека во полскиот јазик постои израз „tajemnica poliszynela “, кој ја опишува ‘тајната што сите ја знаат’.

Сикорски повтори дека Варшава нема да испрати копнени трупи во Украина, објаснувајќи ја таа одлука со историски причини.

„Украина и Полска беа една земја 400 години. Тоа би ја нахранило руската пропаганда. Затоа ние треба да бидеме последни што ќе го направиме тоа“, заклучи тој.

Сикорски ја поддржа можноста Украина да добие крстосувачки ракети „таурус“ и ја обвини Германија дека се двоуми да испорача нови системи за оружје.

„Испраќањето на ракетите „таурус“, кои имаат дострел од 500 км, би имало материјален ефект врз способноста на Украина да се брани. Со британските и американските ракети, Украинците успеаја да ги принудат Русите да ги преместат своите логистички центри, нивните складишта за муниција, нивните командни и контролни центри, нивните транспортни врски подалеку од фронтот. А германските ракети ќе ги избркаат уште подалеку, истакна тој.

Шефот на полската дипломатоја ги критикуваше долгите процеси на одлучување во германската влада, посочувајќи дека сфаќаат оти „Берлин има историски причини да биде нервозен поради испраќање воен материјал или војници“.

Сикорски сугерираше и дека Берлин има лажно чувство на безбедност поврзано со руските акции, велејќи дека градот е исто така потенцијално во домет на руските ракети.

„Можеби мислите дека имате повеќе време да реагирате бидејќи не сте сосед на Русија, некои од вас дури мислат дека ја имаат Полска помеѓу“, рече Сикорски, наведувајќи дека „во енклавата Калининград постојат ракети ‘искандер’ со нуклеарни боеви глави кои можат да стигнат до Берлин“.

Слични содржини