Силјановска Давкова за фалбите кон Црвенковски: „Нема да гласаат за мене неопределените или тие што заминале од СДСМ“

од Vladimir Zorba

Кандидатот за претседател на Северна Македонија, Гордана Силјановска Давкова во интервју за емисијата „Трилинг“ вели дека не очекува гласови од разочараните од актуелното раководство на СДСМ, само затоа што имала пофални зборови за поранешниот премиер Бранко Црвенковски.

„Моите изјави никогаш не се насочени кон профит. Јас и некогаш и сега тврдам дека луѓето од техничките и природните науки имаат логика и многу брзо учат политика. Времето во кое премиерот Црвенковски беше премиер, беше неверојатно тешко време. Ако го видите составот на неговата влада, ќе си речете дали е ова Влада или Академија. Без оглед дали се работело за ПДП, дали за ЛП или за СДСМ. Ако го видите составот на пратениците тогаш ќе речете посветени луѓе, луѓе кои таму спиеја. Ако го споредите со овој состав, кои се овие луѓе“, изјави кандидатката за претседателка.

Додаде дека апсолутно не смета, ниту може да влијае, бидејќи во Парламентот имало Социјалдемократи кои ќе се помнат.

„Нема да гласаат тие неопределени или оние кои си заминале од СДСМ заради тоа што јас го фалам Бранко Црвенковски, оти Црвенковски си оставил траг во поновата македонска историја, туку затоа што не само разочарани туку и во депресија од сегашната и од претходната власт на СДСМ“, додава таа.

Слични содржини