Совет на амбасадори: Неопходно е да се прифати европскиот компромис како важен чекор кон ЕУ

од Vladimir Zorba

Во овој критичен момент на европската историја обележена со инвазијата на Русија во Украина, унапредувањето на патот на нашата држава кон ЕУ е од клучно значење за иднината, стабилноста и просперитетот на државата, регионот и пошироко на Европа, Советот на амбасадори ги охрабрува проевропски ориентираните граѓани, невладини организации, политички партии, пратеници, новинари, интелектуалци, но и оние кои од недоволната информираност поради недостапност до вистински информации емотивно реагираа на францускиот предлог, да се соочиме сите заедно со предизвиците и храбро да зачекориме кон ЕУ.

– Во минатото почнувајќи од одржувањето на референдумот за независност, потоа влезот на нашата држава во ООН под референцата, преку усвојувањето на Охридскиот договор и реформите кои следеа во државата, како и усвојувањето на Преспанскиот договор, нашите граѓани, напредната интелигенција, политички партии и раководства и НВО донесоа правилни и историски одлуки со кои се трасираа нашите евроатлански интеграции, посочува Советот на амбасадори во денешното соопштение.

Советот смета дека е неопходно да се прифати европскиот компромис како важен чекор кој ќе ја приближи Македонија кон членството во ЕУ со кој ќе биде надмината и блокадата од источниот сосед.

– Свесни сме дека компромисите понекогаш се болни отстапки, свесни сме дека во дипломатските преговори никогаш не се постигнува апсолутна сатисфакција на која било страна, но најзначајно за нашите граѓани е тоа што со „францускиот предлог“ се зацементирани и гарантирани македонскиот јазик и идентитет од страна на ЕУ, посочуваат од ова граѓанско здружение.

Советот воедно ја потсетува јавноста дека и европската конструкција и нејзиното функционирање било и е резултат на бројни компромиси, премрежија, отстапувања и договори.

– Совет на амбасадори е убеден дека ЕУ и нејзините членки и институции ќе бидат на висината на европските критериуми и вредности и нема да дозволат наметнувања на евентуално дополнителни интерпретации на тешко постигнатиот компромис со помош на ЕУ. Наеднаш искажуваме задоволство што во овие значајни историски моменти и покрај обидите на поединци, не се дозволи да се нарушат меѓуетничките односи, ниту да се наметнат некои други сценарија или алтернативи, бидејќи членството во ЕУ нема алтернативи. Горди сме што на патот кон ЕУ граѓаните од сите етнички заедници , дејствуваат сплотени и единствени кога се во прашање европските интеграции и зачувувањето на македонскиот јазик и идентитет, се наведува во соопштението потпишано од Извршниот одбор на Советот на амбасадори.

Слични содржини