Стано за продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина: Средба во Брисел на 12 јули, не очекуваме договор

од Stefanija Kuzmanovska

Портпаролот на ЕУ, Питер Стано, рече дека ЕУ од средбата на 12 јули во Брисел очекува да биде продолжување на процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина, но дека нема очекувања дека ќе биде постигнат некаков клучен договор, пренесува „Блиц“.

– Ова нема да биде еден од настаните кој ќе резултира со некаков клучен договор. Ова е продолжение на дијалогот и процесот чија цел е работење на сеопфатен правно обврзувачки договор меѓу Србија и Косово за нормализација на односите – вели Стано.

Говорејќи за плановите за средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти, закажана од ЕУ за недела, 12 јули во Брисел, Питер Стано истакна дека „очекувањата се големи“ во однос на рестартирање на процесот што е блокиран од ноември 2018 година.

– Статус-квото, што подразбира блокада на дијалогот, не е одржливо и добро е што постои договор меѓу двете страни да дојдат во Брисел и да ги продолжат разговорите – наведува Стано.

На прашањето дали ЕУ, како посредник во дијалогот, ќе влијае врз можните теми на разговорот, Стано рече дека ЕУ е таму за да „го олесни дијалогот, а не да ги наметнува своите ставови“.

Во исто време, тој потсетува дека европската иднина за Белград и Приштина е можна само преку дијалог посредуван од ЕУ.

Слични содржини