Столтенберг: НАТО нема да испраќа војници во Украина

од Симе Стоиков

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека НАТО нема да испраќа војници во Украина.

„НАТО не планира да распореди војници во Украина, а украинската влада не поднесе такво барање“, рече Столтенберг на прес-конференција во Брисел по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Алијансата.

Едно од главните прашања на овој состанок е продолжувањето на воената помош за Украина, рече Столтенберг и наведе дека е одржана и средба во формат на Советот на НАТО -Украина на која учествуваше и министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.

„Ситуацијата на бојното поле останува сериозна. На Украина и треба повеќе воздушна одбрана, повеќе муниција и повеќе помош“, нагласи Столтенберг.

Тој ја поздрави континуираната поддршка од сојузниците, која вклучуваше најава за германска артилериска помош од 600 милиони евра, 10.000 беспилотни летала од Обединетото Кралство и повеќе проектили и оклопни возила од Франција, како и новиот пакет помош од 188 милиони евра од Финска, истакнувајќи дека НАТО треба дури уште повеќе да ја искаже поддршката.

Слични содржини