Сведоштво од ГОБ „8-ми септември“: Чекаме со саати за преглед, а се лечиме преку телефон

од Vladimir Zorba

Над 200 потешки пациенти дневно прегледуваат докторите во ковид центарот во ГОБ „8-ми септември“.

И утрово граѓаните во редици чекаат да стигнат до доктор за прегледи и земање брисеви.

Во редицата за преглед на инфективното оделение чекаа и граѓани кои беа позитивни на Ковид-19.

„Веќе четри часа чекаме ред за преглед, јас и мојата сопруга сме Ковид позитивни“, вели еден револтиран граѓанин кој чекаше пред инфективното одделение да биде повикан за преглед.

„Првите симптоми на вирусот се појавија кај мојата сопруга, веднаш се јавивме кај нашиот матичен лекар за да закажеме тестирање, но бевме информирани дека првиот слободен термин е за дваесет дена. Морав да најдам некој познат човек за да ми најде побрз термин за тестирање. Иако побравме цела фамилија да се тестира, брис и беше земен само на мојата сопруга, а целата фамилија по автоматизам беше ставена во изолација. За кратко време почнав и јас да ги чуствувам првите симптоми“, вели нашиот соговорник.

Тој ни раскажа дека заедно со сопругата ги имале сите симптоми, а се лекувале телефонски со консултација со својот матичен лекар се додека не им се влошила состојбата и решиле да тргнат кон ковид болницата пред Инфективната клиника.

-Треска, темпертура, губење на вкус и мирис, кашлица…беа дел од симптомите…Откако ми се влоши сосотојбата отидов на Инфективната клиника во модуларната болница каде чекав скоро три часа за да дојдат да не прегледаат. Иако ги кажав своите маки по прегледот ми рекоа дека се е во ред. Вирусот почна нагло да ми ја волшува сосојбата, па по вториот преглед на инфективна бев испратен во ГОБ „8-ми септември. И овде е хаос, од едно на друго место постојано те препраќаат. Веќе четири часа чекаме за да не прими доктор за преглед, раскажува нашиот соговорник.

Брзата Помош од инфективните одделенија и тријажниот центар ги носат најтешките случаи. Пред болницата има поставен мобилен шатор со клупи и греење каде заразените со Ковид 19 може да чекаат за преглед.

„Заради згрижување на големиот број на пациенти со симптоми на Ковид кои секојдневно побаруваат помош, болницата го мобилизира целокупниот човечки потенцијал. Болничкото лекување го реализираат тимски специјалисти интернисти, инфектолози и анестезиолози“, велат од болницата.

Б.М.

Фото: Борче Поповски

Слични содржини