СЗО: Имаме седум до осум врвни кандидати за вакцина

од Stefanija Kuzmanovska

Постојат седум или осум врвни кандидати за развивање на вакцина против коронавирусот и нивната работа на тоа е забрзана, рече директорот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус, пренесува „Алџезира Балканс“.

На видео-конференцијата на Економскиот и социјалниот совет на ООН, Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека напорите за откривање вакцини биле помогнати од 8 милијарди долари, средства ветени од лидерите од четириесет земји, организации и банки за истражување, третман и тестирање.

Меѓутоа, тој додаде дека ќе бидат потребни повеќе пари.

„Сега имаме добри кандидати. Приближно седум, осум од нив се врвни, но имаме повеќе од стотина кандидати. Се фокусираме на неколку кандидати кои веројатно можат да ни донесат подобри резултати и ја забрзуваме нивната работа со подобри потенцијали“, рече Гебрејесус.

Шефот на СЗО, сепак, не ги идентификуваше тие врвни кандидати.

Собрани средства

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, минатата недела изјави дека се собрани вкупно 7,4 милијарди евра на конференцијата „Глобален одговор на пандемијата на коронавирус“ за поддршка на развојот на лековите и вакцините против болеста Ковид-19.

„Светот денеска покажа дека е обединет во борбата против коронавирусот. Учесниците ветија дека ќе донираат вкупно 7,4 милијарди евра за развој на дијагностика, третман и вакцина против болеста Ковид-19“, истакна таа.

Наведувајќи дека е започната невидена соработка на глобално ниво, таа изрази голема благодарност до научниците и истражувачите кои бараат решение за пандемијата.

Слични содржини