Тачи: Договорот од Пржино е мртов, време е за нов договор

од Vladimir Zorba

Договорот од Пржино е мртов, време е за нов договор, изјави претседателот на ДПА, Мендух Тачи, по средбата со германскиот специјален претставник на Македонија, Јоханес Хајндл во германската амбасада во Скопје. Тој, за идејата на Ахмети за свикување на Собранието, вели дека е лош маркетиншки трик.

taci

– Ние осум дена и осум ноќи разговараме и сега јас ли треба да ви кажам што ние бараме. Тоа е целосно нефер однесување кон процесот на преговори. Еве, ако сакате, ќе ви кажам дека ние бараме дводомен парламент и Албанците да имаат право на вето на секоја одлука. Ова е нашиот предлог, ако сакаме да се правиме добри како господинот Али Ахмети – изјави Тачи.

Тој рече дека се разговара и за нов датум за избори, но не сакаше да открие повеќе детали. Сепак, тој е задоволен што меѓународната заедница се залага за излез од политичката криза и смета дека одговорноста за пропаѓањето на Договорот од Пржино е кај трите политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ.

– Со Хајндл зборувавме за политичката криза, се согласивме дека интеграцијата на Македонија во НАТО и во Европската Унија не би требало да има друга алтернатива – заклучи Тачи.

Со оваа средба на Тачи со германскиот специјален претставник, завршија средбите на Хајндл со потписниците на Договорот од Пржино.
Денеска Хајндл ја завршува посетата на Македонија, а дознаваме дека идната недела повторно ќе дојде во Скопје со конкретни предлози за излез од политичката криза./извор Мета

Слични содржини