Тилев: Преземавме обврска до 2030 да бидеме целосно подготвени за полноправно членство во ЕУ

од Nikola Popovski

Сосема е јасно, од заклучоците на Советот и од изјавите на политичките челници на ЕУ, дека преговорите нема да можат да продолжат, доколку не се случат уставните измени. Тоа е голем товар за нашето општество и голем политички предизвик, кој не смее да тлее долго, оценува државниот советник за европски политики во Секретаријатот за европски прашања, Драган Тилев.

Тој појаснува дека од формално-правен аспект, нема дилема оти за нас преговорите веќе се започнати со отворањето Меѓувладината конференција, што ќе остане отворено за целото времетраење на преговорите, кои треба да резултираат со потпишување и ратификација на Пристапниот договор и полноправно членство на земјата во ЕУ.

-Со одблокирањето на процесот и отворањето на Меѓувладината конференција и рестартирањето на скринингот, всушност ќе се престроиме сега според новата Методологија за пристапни преговори. Скринингот ќе продолжи по кластерска структура, во шест кластери во кои се групирани 33 поглавја и тоа со освежување на делот на објаснувачкиот скрининг, заедно за нас и Албанија, со новото законодавство усвоено од декември 2019 до денеска, односно до 2022/2023 година, а потоа паралелно и со билатералните скрининзи за сите кластери, области и поглавја, но во овој дел одвоено, посебно за нас и посебно за Албанија, вели Тилев во интервју за МИА.

Тилев оценува дека сме подготвени и имаме доволно капацитети за овој процес, бидејќи државава се подготвуваше за преговори многу години наназад, но напоменува дека тоа не смее да не доведе до заклучок дека скринингот, односно билатералниот скрининг е лесна и едноставна вежба.

– Во повеќе наврати сум истакнувал дека сме подготвени да ги започнеме преговорите и скринингот, но за да ефикасно преговараме и ги затвориме преговорите до 2030 година, потребно е значително зајакнување и подмладување на структурите надлежни за водење на процесот. Имено, во политичката изјава на претседателот на Владата на отворањето на Меѓувладината конференција дадовме ветување, а со тоа преземавме обврска, до 2030 година да бидеме целосно подготвени за полноправно членство. Тоа значи дека сите ресурси ќе треба да ги впрегнеме за да ја исполниме таа амбициозна цел, која според мене, треба да стане државен проект и државен приоритет број еден, истакна тој.

Слични содржини