Царовска: Учениците уште од најмали ќе имаат знаење како да препознаат вистинита информација и лажна вест

од Nikola Popovski

Критичкото мислење и медиумската писменост се многу значајни за секоја држава, бидејќи лажните вести се користат за креирање политички кризи, истакна министерката за образование Мила Царовска, додавајќи дека борбата против овој феномен не може да се одвива преку ноќ.

-Треба да создадеме генерации што ќе бидат посилни во знаењата и алатките за справување со лажни вести, бидејќи така ни следува подобра иднина и посилна битка со лажните вести или превенција при справување со кризни ситуации, вели Царовска.

Министерката подвлече дека МОН презеле активисти преку новата концепција за основно образование која започнува со примена од наредната учебна година во прво и четврто одделение, каде медиумската писменост и критичкото мислење ќе бидат столб и ќе бидат интегрирани во сите наставни предмети. Според Царовска, фокусот ќе биде ставен на анализа и проверка на содржините и во континуитет оваа проверка ќе се спроведува во сите наставни единици.

-На тој начин ќе ги научиме учениците уште од најмала возраст да препознаваат лажни вести, но и ќе создадеме можност нашите ученици да бидат изложени на вистинити информации, кои ќе знаат како да ги проверуваат. Но, интензивно работиме и на подготовка на наставниците, кои често знаат да се таргет на лажни вести, кажа Царовска.

Таа увери дека Владата стратешки се справува со лажните вести, но дека МОН има голема одговорност во процесот на резистентност од лажните вести.

Слични содржини